Адеми: Заштита на животната средина, приоритет на МЖСПП
Заштитата на животната средина и одржливиот развој се меѓу водечките приоритети на Министерството за животна средина и просторно планирање, како и обезбедување на основното право на човекот да живее во чиста и здрава средина, истакна на денешната прес-конференција ресорниот министер планирање Абдилаќим Адеми по повод 100-те дена од работата на Владата.
Адеми информира дека Министерството за животна средина и просторно планирање во областа на животната средина спроведува повеќе проекти, мерки и активности во насока на продолжување со процесот на приближување кон политиките на ЕУ во областа на животната средина.
- Подготвени се Предлог-закон за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема, Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за управување со пакување и отпад од пакување, Предлог на Закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на природата, Предлог на Закон за изменување и дополнување на Законот за батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори. Донесени се 32 правилници и одлуки согласно законите од областа животна средина, посочи Адеми.
Тој информира дека се развиваат програми, плански и стратешки документи како драфт Стратегијата за води на Македонија и Преглед на состојбите со животната средина.
- Се спроведуваат постапки за доделување на концесија за интегрирано управување со регионална депонија во Југоисточниот и Полошки плански регион, финансиран од италијанската Влада. Заврши втората фаза од постапката за доделување на концесија во Југоисточен, а во тек е финализирање на втората фаза во Полошки плански регион, рече Адеми.
Завршен е Проектот за поддршка во идентификацијата, оценката и селекцијата на проекти соодветни за ИПА - Компонента за регионален развој, дел животна средина.
Проекти кои се во фаза на тендерирање и спроведување - Проект за санација и доградба на канализациска мрежа во Прилеп, во должина од 23 километри, Проект за изградба на пречистителна станица за отпадни води во Прилеп, Проект за надзор на градежните работи за проектот за канализациска мрежа и пречиститлена станица во Прилеп, Проект за техничка помош за подготовка на регионални планови за управување со отпад и стратешка оценка на влијанија во Североисточен и Источен регион, Проект за техничка помош за поддршка на Оперативната структура во имплементацијата на оперативната програма за регионален развој - подготовка, организација и одржување на тренинзи, Проект за изработка на национална студија за тарифи во секторот води...
Адеми потенцира дека се работи и на зајакнување на административните структури и капацитети потребни за обезбедување на ефикасно управување со животната средина.
Министерот информира дека остварил повеќе билатерални средби со неговите колеги од Чешка и Фландрија, учествувале на првата меѓународна конференција за енергетика и животна средина во земјите од Западен Балкан.
Изработен е Годишен извештај за спроведување на просторен план на Република Македонија за 2010 година, изработен е просторен план за Национален Парк Галичица – нацрт фаза...
Покрај ова, Министерството издавало дозволи, согласности, мислења, концесии, барања за мислења од општини, водостопанства и надлежни институции согласно новиот Закон за води.