Министерот Тодоров ја посети Градската општа болница „8 Септември“

 

Околу 50-тина пациенти веќе направија прегледи со магнетна резонанца во Градската болница. Во изминатиов период медицинскиот кадар се оспособи да работи на овој апарат, изјави министерот за здравство Никола Тодоров, кој денеска ја посети Градската општа болница „8 Септември“.

Тој потенцира дека е важно што во овој момент има тим од лекари и техничари во новата Градска болница, кој е подготвен самостојно да ја извршува оваа работа.

- Тука се уште нема листа на чекање бидејќи граѓаните не знаеја дека може да се добие ваков тип на преглед и во новата Градска болница, рече Тодоров и додаде дека ова ќе биде доплнителна можност граѓаните да добијат квалитетна услуга на пониско ниво на здравствена заштита.

И мамографот, кој е од големо значење за превенција од малигните заболувања кај жените, се користи со полн капацитет. Со започнување на вакви прегледи и во оваа болница времето на чекање двојно ќе се намали, кое во Клиничкиот центар сега е три месеци.

Што се однесува до другите медицински апарати од големиот тендер, компјутерска томографија во оваа градска болница во изминатите 10 дена направиле околу 1.000 пациенти, а на лидотриптерот има околу 900 извршени интервенции.

- Опремата се користи, во тоа се уверив и тоа ќе придонесе за поефикасна здравствена заштита на пациентите, рече министерот Тодоров.