Коњановски: Досега инвестирани 19 милиони евра за земјоделството во Струмичко

Изминатите години, преку субвенции и директна помош, Владата инвестираше околу 19 милиони евра во развојот на струмичкото земјоделство. Како што изјави денеска ресорниот заменик министер Зоран Коњановски по средбата со земјоделците од Пиперево, поддршката во наредниот период ќе биде насочена, пред се, кон развојот на задругарството.

- Новиот закон за земјоделски задруги што е во собраниска процедура е повод за нашата средба и можност директно од земјоделците да ги слушнеме нивните размислувања и барања. Продолжуваме со практиката да ги земеме предвид сугестиите на производителите и да ги преточиме во конкретни политики, рече Коњановски.

Согласно донесената петгодишна Стратегија за развој на земјоделството, Министерството, додаде, како и досега, ќе ги поддржува земјоделците и на сите можни начини ќе се обидува да ги надмине воочените проблеми.

Градинарите од Пиперево имаа можност да ги слушнат инскуствата за задругарството од Драги Памуков, директор на првата земјоделска задруга „Вега Фреш“ од Куклиш. Памуков и заменик министерот Коњановски ги презентираа чекорите за формирање земјоделска задруга.