Седница на Економскиот совет на Владата
Економскиот совет на Владата на денешната седница, меѓу другото, расправаше за проектите за подобрување на патната инфраструктура особено за поголемите проекти, за автопатиштата и за регионалните патишта, како и за динамиката за нивна реализација, информира вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.
- Беа разгледувани повеќе нови модели. Како што беше најавено, во делот на концесијата на Коридорот 8 ќе бараме алтернативни решенија. Денеска се зазема став околу некои од патните правци за кои би се одело на модел на концесионирање, а за некои ќе се оди со буџетско финансирање. Согласно утврдената динамика тие ќе влезат во програмата за развој на Агенцијата за државни патишта, изјави Пешевски.
На седницата станало збор и за состојбата со браните кои се користат за наводнување, како и за искористувањето на термалните води.
Пешевски рече дека се разгледувала состојбата на постоечките, но и проекти кои се во програмата за работа на Владата до 2017 година, за голем број нови брани во вкупна вредност од околу 160 милиони евра кои треба да се изградат на десетина локации низ Македонија.
Тоа е она што го најавувавме во предизборието, истакна Пешевски, покрај давањето субвенции, се работи и на подобрување на инфраструктурата за земјоделството бидејќи наводнувањето е едно од основните потреби на земјоделците.
- Беше разгледувана состојбата со искористувањето на термалните води во Македонија. Имаме ситуација каде на дел од локациите каде што постојат термални води во моментов не постои законска можност оној што ја добил концесијата да ја даде на друг доколку сака да изгради центри за бањски туризам, спа центри и сл, посочи вицепремиерот.
Потенцира дека измените кои ќе се прават во законите за кои се задолжени министерствата за економија и за животна средина се со цел да се забрза развојот на бањскиот туризам и да се забрза изградбата на оранжерии и оранжериското производството.