Промовиран документ за оценка на состојбата со отпадните батерии и акумулатори во Македонија
Во рамки на проектот „Зајакнување на капацитетите за имплементација на ЕУ директивата за батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори“ денеска беше претставен документ за „Оценка на состојбата со отпадните батерии и акумулатори во Република Македонија“.
На презентацијата на документот присуствуваа министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми и амбасадорот на Кралството Шведска Ларс Валунд
- Во документот дадена е оценка на состојбата со управувањето со отпадот од батериите и акумулаторите, процес кој во Македонија почна да се спроведува со донесувањето на Законот за управување со батерии и акумулатори и отпад од батерии и акумулатори. По две години од стапувањето на сила на овој Закон, увидовме дека имаме потреба од ваква оцена на состојбата, а се со цел подобра имплементација на Законот, но истовремено да се увидат и евентуалните недостатоци во системот, истакна Адеми.
Ресорниот министер очекува документот континуирано да биде предмет на промени и приспособување, согласно барањата на праксата, бидејќи, како што рече, оваа оцена треба да ни биде водечки документ кој ќе ја воспостави идната структура за процесот на имплементација на Законот.
- Министерството за животна средина и просторно планирање во исчекување на преговорите за членство на Република Македонија во Европската Унија веќе многу години работи на усогласување на националното законодавство со европското, при што видно се зајакна македонската политика за животна средина и се дојде до суштински промени во работните методи. Движејќи се по патот за обезбедување и почитување на европските стандарди за заштита на животната средина, Министерството активно се вклучи во бројни програми на ЕУ кои се однесуваат за таа област, нагласи Адеми.
Проектот „Зајакнување на капацитетите за имплементација на ЕУ Директивата за батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори“ се спроведува со поддршка на Владата на Кралството Шведска, а во негови рамки континуирано ќе се спроведува и кампања за подигање на јавната свест со која кај генералната јавност ќе се влијае на развивањето на позитивните навики за постапување со овој вид на опасен отпад.