Потпишан договор за изработка на третиот национален извештај за климатски промени
Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми и постојаниот претставник на УНДП во Македонија Дијадре Бојд денеска потпишаа договори за изработка на третиот национален извештај за климатски промени и за користење на бугарското искуство за мониторинг, рапортирање и верификација на емисиите на стакленички гасови потребно за учество во шемата за трговија со емисии на ЕУ.
Tретиот национален извештај за климатски промени треба да се изработи во наредните две години, со финансиии од глобалниот Фонд за животната средина во висина од 500 илјади долари.
Целта на извештајот, според Адеми, е да даде придонес во институционализирањето на прашањето на климатските промени, да изработи анализа на потребите, да ги утврди нивните приоритети со временска рамка, како и потребните финансии од барањата кои произлегуваат од идното членство во ЕУ.
- Изработката и доставувањето на националните извештаи за климатски промени претставува обврска на Република Македонија како земја членка во Рамковната Конвенција на ОН за климатски промени, информира Адеми, додавајќи дека досега се изработени два такви извештаи, во 2003 и во 2008 година.
Проектот за користење на бугарското искуство за мониторинг, рапортирање и верификација на емисиите на стакленички гасови потребно за учество во шемата за трговија со емисии на ЕУ е финансиран од бугарската Влада во вредност од 40.000 евра и ќе се спроведе наредната година.
Република Македонија има напредок на полето на намалување на климатските промени и прилагодување на најранливите сектори, истакна Адеми по потпишувањето на документите посочувајќи повеќе области во кои дејствува ресорното Министерство во функција на национален координатор.
- Го вградува прашањето на климатските промени во релевантните стратешки, плански и програмски документи на национално ниво, поставува неопходна законска рамка за изработка на одговори на државата како обврска од нејзиното членство во Рамковната конвенција на ОН за климатски промени и Протоколот од Кјото, негува билатерална, регионална и мултилатерална соработка на полето на климатските промени, дејствува во функција на назначен национален орган за спроведување проекти со кои се намалуваат емисиите на стакленичките гасови во атмосферата, рече Адеми.
Тој посочи дека Министерство активно спроведува или учествува во повеќе проектни активности помогнати од меѓународната заедница за намалување на емисиите на стакленичките гасови или на негативните влијанија од климатските промени во различни сектори.
- Особен предизвик за Република Македонија ќе биде периодот после истекот на првиот дел обврски според Протоколот од Кјото во 2012 година, кога ќе треба да се преземат засилени активности за намалување на климатските промени, кои ќе треба да се избалансираат со потенцијалот за намалување на државата и уделот на таквите активности во бруто-домашниот производ. Се надеваме дека извештајот ќе понуди опции и сценарија за идно правилно донесување политички одлуки за обезбедување балансиран економски раст, рече Адеми.
Постојаниот претставник на УНДП во Македонија Бојд истакна дека климатските промени и другите ризици поврзани со животната средина се меѓу клучните предизвици на животниот свет со значајно влијание на се она што не опкружува почнувајќи од нашето здравје до снабдувањето со вода, еко системите и производството на храна.
Адресирањето на прашањата за климатските прмени, според неа, е од примарно значење за земјите од целиот свет. - Двата проекти кои ќе бидат дополнителна помош за Владата за работата по ова прашање ќе помогнат да се овозможи национален консензус во однос на акциите и мерките кои треба да бидат преземени за да се адресираат прашањата поврзани со климатските промени на краток и на долг рок, наведе Бојд потенцирајќи дека климатските промени се глобално прашање со кое се соочува целата планета.