Тодоров: Кон крајот на годината почнуваме со изградба на нова Клиничка болница во Штип

 

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска во рамки на посетата на Клиничката болница и на Здравствениот дом „Панче Караѓозов“-Штип најави дека кон крајот на годината стартува изградбата на нов објект на  Клиничка болница-Штип, кој е најкапиталната инвестиција во областа на здравството.

- Новата болница во Штип ќе биде со површина од 20.000 до 22.000 метри квадратни и ќе чини некаде околу 25 милиони евра. Тоа е една од најкапиталните инвестиции во Македонија, заедно со изградбата на Клиничкиот центар и тоа се двата крупни проекти на кои што сме сериозно фокусирани. Проектите се изработуваат и очекуваме некаде пред крајот на оваа година да почнеме со градба и тоа е многу значајно, рече Тодоров.

Тој додаде дека Клиничката болница во Штип веќе станува врвен офтамотолошки центар.

- Според мене, многу знајачно е присуството на еден многу познат офтаматолошки хирург од Бугарија, хирургот Топов, кој заедно со нашиот доктор Страхил Газепов веќе во континиуитет работат на сложени интервенции, фако интервенции. Можам слободно да кажам дека штипската болница прави еден сериозен исчекор напред во давањето офтамотолошки здравствени услуги. Исто така, да одбележиме дека во Штип е направена и првата витро ретинална операција со што практично со фако методата и со сите овие интервенции кои се изведуваат, болницата се издигнува како еден од врвните офтоматолошки центри во државата, рече Тодоров.

Министерот за здравство посочи дека еден лекар од Клиничката болница е испратен на обука во современ медицински центар во Украина, а се обезбедува и една специјализација за кардиохирургија во соработка со универзитетот „Гоце Делчев“. Специјализацијата на лекарот за кардиохиругија ќе трае од шест до седум години, а во меѓувреме во новата болница во Штип ќе се обезбедат и услови за изведување на ваквите сериозни операции.

Министерот Тодоров и директорот на Бирото за лекови Илчо Захариев денеска го посетија и Здраствениот дом „Панче Караѓозов“, каде што се врши реконструкција на сите санитарни јазли.