Наскоро отворање на спортската сала во средното училиште „Ристе Ристески-Ричко“

 

За три недели ќе биде готова спортската сала во прилепското средно електромашинско училиште „Ристе Ристески-Ричко“, кое денеска го посети министерот за образование и наука Панче Кралев.

- Салата е една од поголемите од програмата на МОН за изградба на 145 спортски сали во земјава. Објектот вреди 40 милиони денари и е на 1.000 метри квадратни, со трибини за 800 до 1.000 гледачи. Салата е соодветна за потребите на училиштето во кое има насока спортска гимназија, но и за потребите на граѓаните и спортските клубови, изјави Кралев.

Градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески рече дека таа е една од 7-те спортски сали во прилепските основни и средни училишта, кои ќе ги задоволат условите за настава по физичко за околу 12.000 основци и средношколци. - Салите ќе придонесат и за развој на спортот, зашто капацитетите ќе ги користат граѓаните и спортските друштва, рече Ристески.

Тој најави формирање јавно претпријатие што ќе стопанисува со овие сали, како и со спортската сала „Македонија“ и со градскиот стадион „Гоце Делчев“ по нивната обнова и модернизација.