ОУ„Никола Карев“ во Кочани доби нова спортска сала

Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања Владимир Пешевски и министерот за образование и наука Панче Кралев денеска ја предадоа во употреба новоизградената училишна спортска сала во основното училиште „Никола Карев“ во Кочани.

Салата е со површина од 1.300 метри квадратни и обезбедува услови за практикување на групни спортови, како кошарка, мал фудбал и одбојка. Со нејзиното опремување со спортски реквизити  ќе се овозможат и услови за гимнастички вежби и за изведување на наставата по спорт за 656-те ученици. Салата располага со гардеробери, туш-кабини, санитарни јазли, простории за сместуавње на спортските реквизити, како и посебни простории за наставниците за спорт. Ќе биде приклучена на системот за затоплување со геотермална вода.

Вицепремиерот Пешевски рече дека спортската сала е изградена во рамки на владиниот проект „145 училишни спортски сали“, инвестиција во вредност од 40 милиони денари, обезбедени од Буџетот на Република Македонија и Банката за развој при Советот на Европа.

- Верувам дека во новоизградената спортска сала учениците  од ОУ„Никола Карев“, како и спортските екипи и жителите на Кочани и околината, ќе спортуваат, ќе се рекреаираат, ќе го развиваат натпреварувачкиот дух, но истовремено ќе се дружат и забавуваат. Министерството за образование и наука и натаму ќе води грижа за адекватна и навремена имплементација на нови инфраструктурни инвестиции во образованието, рече министерот Кралев.