Средба на премиерот Груевски со претседателот на УЕФА Мишел Платини

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (петок, 22.03.2013 година) оствари средба со претседателот на Европската фудбалска федерација (УЕФА), г-дин Мишел Платини.

На средбата двајцата соговорници разговараа за развојот на спортот и фудбалот во Република Македонија и на светско ниво, и за инвестициите кои се реализираат за развој на фудбалската инфраструктура и развој на фудбалот преку инвестиции во проекти за професионална образовна надградба на спортските работници, тренерите и играчите.

Премиерот Груевски истакна дека Владата е силно посветена на инвестиции во развој на спортската инфраструктура, при што истакна дека досега е реализирана изградба на 49 фудбалски терени од проектот 50 фудбалски игралишта, изградени се 90 спортски сали од проектот 180 спортски сали, а во тек се и проектите за изградба на 100 тениски терени и 100 мултифункционални спортски игралишта. Беше акцентирана и изградбата на Националната арена Филип Втори Македонски која ги запазува сите светски стандарди и Спортскиот центар „Борис Трајковски“.

Претседателот на Владата го истакна и овогодинешното отворање и почеток со работа на Спортската академија, и 500-те стипендии кои Владата годишно ги овозможува за развој на младите спортисти, како начин за професионална надградба и мотивација на идниот спортски кадар, како и посебниот проект со Фудбалската федерација на Македонија за едукација на домашните фудбалски тренери во реномирани фудбалски странски центри. Премиерот истакна дека спортот и спортистите и во идниот период ќе добиваат сериозна поддршка од Владата во реализацијата на нивните цели.

Претседателот на УЕФА Мишел Платини, позитивно ги оцени и поздрави владините инвестиции во спортот, посочувајќи ги како одличен пример на поддршката на спортот од страна на политичарите. Тој ја истакна и благодарноста за соработката на државните институции со Фудбалската федерација на Македонија во овозможувањето на логистичка поддршка за реализација на приоритетите во фудбалот. Г-дин Платини ја истакна и најновата програма на УЕФА за финансиска поддршка на инвестициите во фудбалот, и изрази подготвеност и покана за учество на Република Македонија и нашата национална фудбалска федерација во истата, како и поддршка за развој на фудбалот преку едукација на спортскиот кадар.

Двајцата соговорници истакнаа дека насочувањето на младите во спортот треба да остане еден од приоритетите на општеството, како најдобра превенција од модерните ризици и соодветен начин на градење на здрав систем на вредности и натпреварувачки дух кај населението.