ОУ „Димката Ангелов-Габерот“ во Кавадарци доби нова спортска сала
Основното училиште „Димката Ангелов-Габерот“ во Кавадарци доби нова спортска сала со најсовремена опрема, која денеска ја пуштија во употреба премиерот Никола Груевски, министерот за образование и наука Панче Кралев и градоначалникот на Кавадарци Александар Панов.
- Со гордост можеме да кажеме дека зад нас се времињата кога спортот беше меѓу последните приоритети на надлежните институции и кога во одредени населени места во државата по десетици години не беше инвестирано ниту денар за изградба на спортски објекти. Состојбата денес е целосно променета. Денеска ние градиме и тоа насекаде. Така ќе биде и во иднина, нагласи Груевски.
Тој додаде дека изградбата на салата била иницијатива на градоначалникот Панов, а со поддршка на Владата почната е изградбата или многу скоро ќе почне да се градат спортски сали во сите училишта каде што недостигаат.
Претседателот на Владата рече дека салата ќе и биде отстапена на општина Кавадарци и оти граѓаните ќе имаат огромни придобивки од нејзиното користење.
- Најмногу придобивки ќе имаат учениците од ОУ „Димката Ангелов-Габерот“ во чии рамки се изгради салата, но и сите спортски клубови, спортисти и млади таленти, ќе можат да ја користат и во неа да спортуваат, рече Груевски.
Тој потсети дека неодамна бнеше изградена спортска сала во училиштето „Ѓорче Петров“, наскоро се очекува да почне изградба во ОУ „Тоде Хаџи Тефов“, а почната е и изградба на двојно тениско игралиште во Кавадарци.
Министерот Кралев информираше дека салата се простира на површина од 650 метри квадратни и располага со сите потребни спортски реквизити за одвивање на наставата по спорт и спортско образование.
- Со изградбата на оваа сала првпат по толку време училиштето кое во моментов има над 700 ученици ќе има услови за изведување на наставата по спорт и спортски активности, како што му наликува на едно современо училиште, рече министерот Кралев.