Надминат проблемот меѓу земјоделците и водостопанствата во врска со субвенциите

Изјава на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев
    
Почитувани,

Во изминатиот период постоеше определено отворено прашање помеѓу неколку илјади земјоделци и дел од водостопанските претпријатија, во врска со обемот и висината на определени финансиски обврски од земјоделците кон водостопанствата, прашање кое беше предизвикано од недоречености или различни толкувања на законот, и од технички причини за неможност за утврдување на точната количина на вода за наводнување за која земјоделците треба да платат надомест. Тоа предизвика околу две илјади земјоделци да не можат да ги добијат субвенциите за 2012 година. Ние имавме претставки од земјоделците и од земјоделските здруженија за ова прашање, и Владата направи сериозна студија и анализа на проблематиката, преку проверка на нормативните и техничките факти и теренски посети и разговори со земјоделците и водостопанствата и формулиравме системско решение на проблемот кое значи можност земјоделците кои не ги добиле субвенциите за 2012 година да може да ги добијат со средства од програмата за оваа година, како и воспоставување на систем да се превенираат слични ситуации во иднина, преку силна инвестициска активност во модернизација на водостопанските системи.

Прво, земјоделците кои заради овој проблем немаат добиено субвенции за 2012 година, односно не ги добиле затоа што, иако имале правни документи го немале намирено долгот кон водостопанските претпријатија, или пак тој долг го подмириле по истекот на рокот за поднесување на барањата за добивање на субвенции за 2012 година, ќе може да ги добијат субвенциите за 2012 година и тоа ќе им биде овозможено од средствата од програмата за субвенции за 2013 година. На ист начин субвенции ќе може да добијат и земјоделците кои не можеле да склучат договори за користење на вода за наводнување поради немање на соодветна документација на водостопанските претпријатија, врз основа на соодветен доказ за тоа од овие водостопански претпријатија кои вршат наводнување на подрачјето кое ги опфаќа земјоделските површини. Во месец април, по завршувањето на локалните избори ќе биде променет Законот за земјоделство и рурален развој за да се предвиди оваа можност и решение. Овие земјоделци во рок од 30 дена од усвојувањето на законот од Собранието ќе треба да поднесат барање за да го подмират долгот кон водостопанствата, и тој долг треба да го подмират заклучно со 30.10.2013 година. Со подмирувањето на овој долг, врз основа на документацијата која ја поднеле во 2012 година до Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој ќе добијат субвенции за ланската година. Истовремено, тие ќе може да аплицираат и за нови субвенции за 2013 година. Со ова ќе се реши едно горливо отворено прашање кое оптоваруваше над 2000 земјоделци, тие го побараа тоа од Владата и ние го прифативме.

Второ, заради превенирање на вакви предизвици во идниот период и заради осовременување на системот, Владата одлучи во текот на 2013 година да започне силна инвестициска активност во овој сектор за која се веќе обезбедени 320 милиони денари или околу 5 милиони евра. Со овие средства ќе се модернизираат техничките уреди за водоснабдување, ќе се изградат нови онаму каде што требаат, ќе се воспостават мерачи на потрошена вода на главен и споредни цевководи со кои ќе се утврди точната количина на потрошена вода, ќе се обезбеди кадар со што би се придонело кон правилно точно и егзактно утврдување на површината на земјоделско земјиште која е во посед на земјоделецот и која е наводнувана, и врз основа на тоа правење на конкретни правни договори помеѓу земјоделците и водостопанството, но и со претпријатијата за пасишта, од кои произлегуваат права и обврски за двете страни, со што би се спречиле понатамошни недоречености, кои може да создадат непријатности. Ќе се поддржи и приватната иницијатива на земјоделците кои сакаат да воспостават нови бунарски единици на своите површини за што Владата ќе покрива 50% од трошоците на вкупната инвестиција. Тоа е една значајна поддршка која ќе продолжи и во идните години се со цел воспоставување на модерен и ефикасен систем за водоснабдување.

Овој модел на решавање на ова прашање беше предложен од страна на самите земјоделци и водостопански претпријатија, Владата го разгледи и прифати, и на тој начин придонесуваме да се среди состојбата во оваа сфера, земјоделците да ги добијат заслужените субвенции и да може да го планираат и вршат производството за оваа година, а водостопанставата да воспостават систем за квалитетно и доходовно работење.

И во идниот период Владата ќе продолжи со силна поддршка на земјоделците.