Поддршка од Владата за инфраструктурните проекти што ги иницираат хотелиерите и туристичките агенции

 

Реализирање повеќе инфраструктурни проекти и градење прифатни центри на граничните премини, се само дел од активностите што ќе сепреземат во наредниот период со цел унапредување на туризмот во Македонија.

За ова, меѓу другото, стана збор на денешниот работна средба во Владата што ја организираше премиерот Никола Груевски со претставници на хотелиерите и туристичките агенции.

Еден од приоритетите ќе биде и да се подигне хигиената во туристичките центри и во сместувачките капацитети на повисоко ниво.

- Во однос на инфраструктурата, иницирани се повеќе идеи меѓу кои, патот Охрид - Свети Наум и преминот Блато, проекти кои ги засегаат не само хотелиерите, туку и целокупниот туризам, пред се, во охридскиот регион. Хигиената, пак, е најголема забелешка на странските туроператори и гостите. Тука треба да се преземат чекори за да се поправи состојбата. Исто така, мора да се поработи и на прифатни центри зашто на границите, особено во лето, кога има гужва, нема каде да се одморите, ниту има туристичко-информативни центри, изјави директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Јордан Трајков по средбата.

Владата, нагласи Трајков, е секогаш подготвена да ги сослуша, но и да ги реши проблемите.

- Веќе е направена стратегија од страна на странски консултанти кои минатиот период престојуваа во  Македонија. Сега таа стратегијата ја разгледува Комитетот за туризам во кој членуваат луѓе од различни делови на администрацијата, а кои имаат допирни точки со туризмот. Кон проблемите се приоѓа на сеопфатен начин, рече Трајков.

Освен дефинирање конкретни решенија за надминување на проблемите со кои се соочуваат хотелиерите и туристичките агенции, целта на денешниот состанок беше и поттикнување на нивната меѓусебна соработка за заеднички настап во странски држави и привлекување поголем број странски туристи. 

На состанокот Покрај премиерот Груевски, присуствуваа и министерот за животна средина и просторно планирање Абдулаќим Адеми, министерот за економија Ваљон Сарачини и заменик министерот за економија Катерина Костеска.