Пуштена во употреба адаптирана детска градинка во кочанското село Бели

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски во кочанското село Бели на пригодна свеченост го предаде во употреба адаптираниот простор за детска градинка сместен во Подрачното училиште „Свети Кирил и Методиј“.

- Ова е дел од првата фаза на Министерството за отварање на 14 градинки во рурални средини. Градинката во село Бели е петта по ред од овој проект, истакна  министерот Ристовски. Тој најави отворање на детска градинка како клон на КДУ„Павлина Вењанова“ и во населбата Оризари.

Министерот Ристовски присуствуваше и на пуштањето во употреба на новоизградената пристапна рампа во Библиотеката „Искра“ во Кочани за чија изградба библиотеката  од сопствени средства инвестираше 230 илјади денари. Денеска десетина членови од Здружението на граѓани со попреченост „Мобилноист“ од Кочани  бесплатно беа зачленети да ги користат услугите на библиотеката.

Министерот Спиро Ристовски го посети и просторот каде што ќе биде лоциран идниот пензионерски дом во кругот на старата касарна во населбата Усова чешма. Домот ќе се протега на површина од 4.000 метри квадратни со уште толкава површина исполнета со зеленило и парковско уредување. Општина Кочани бесплатно ги обезбеди комуналиите, а идниот пензионерски дом ќе се гради по пат на јавно приватно партнерство и ќе ја користи геотермалната вода која поминува покрај локацијата.

Ристовски зборуваше и за грижата што Владата и ресорното Министерство ја имаат кон пензионерите најавувајќи ја денешната исплата на зголемените пензии кои пензионерите од Македонија веќе ги добија. Ристовски се сретна и со членови на ограноците на пензионерските здруженија кои работат во населените места во општина Кочани.