Тодоров: Квалитетните здравствени услуги го прават здравството квалитетно

Министерот за здравство Никола Тодоров вчера во Медицинскиот центар „Д-р Трифун Пановски“-Битола заедно со градоначалникот Владимир Талески го промовираа самостојниот почеток на интервентната кардиологија во Битолската клиничка болница.

- На интервентната кардиологија во Клиничка болница-Битола досега беа извршени 80 интервенции во кои беше вклучена асистенција на лекари од Универзитетска Клиника за кардиологија во Скопје, а од вчера интервентната кардиологија во Битола работи самостојно, посочи Тодоров.

На 6 август минатата година, истакна Министерот, во оваа Клиничка болница најавивме отпочнување со интервентна кардиологија во Битола, а денес со гордост истакнуваме дека тимот на интервентни кардиолози во Битолската болница почна сам да изведува интервенции од областа на интервентната кардиологија.

- Во текот на вчерашниот и денешниот ден изведени се девет успешни интервенции. Тоа е еден одличен чекор напред во подигнување на квалитетот на здравствените услуги што се нудат во Битола и регионот, истакна министерот Тодоров.
 
На вчерашната средба со новинарите во Битола, тој посочи дека здравството го прават квалитетно, квалитетните здравствени услуги кои се лесно достапни за најголем број пациенти.

- Ако порано сите граѓани од Битола и битолскиот регион кога имаа вакви здравствени проблеми мораа интервентно да бидат пренесувани во Скопје, денес имаме целосно обратна ситуација, подобрена ситуација во која што сите оние што имаат ваков тип на здравствени проблеми оваа здравствена услуга може да ја добијат во Битола. Ова е и одговорот на прашањето какво е македонското здравство и дали се работи на подобрување на квалитетот на македонското здравство, рече Тодоров.

Потсети и на ветувањето дека во Битола ќе почне со инсеминација во јавно здравство за што требаше да се набават соодветни апарати, просторија и обука на кадарот во Клиничката болница.

- Во целиот овој изминат период сите ветени работи ги завршивме и започнавме со обезбедување и на оваа здравствена услуга во Клиничка болница-Битола. Овие две проширувања на дејностите имаат силна позитивна импликација врз ефектот на здравството и на здравјето на граѓаните што живеат во Битола за што се заслужни менаџментот и докторите кои се вложија себеси во еден историски проект за Битола и регионот, потенцира Тодоров.