Вицепремиерот Пешевски ја посети компанијата „Алијанс–уан“ во Кавадарци


Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски вчера ја посети компанијата „Алијанс–уан“ во Кавадарци која се занимава со откуп на тутун.


- Денес е денот на тутунопроизводителите и затоа упатувам честитка од мое име со желби за успешна година. Резултатите во тутунскиот бизнис да бидат што подобри во годините што следат. Ние како Влада сме генерално задоволни од тутунскиот сектор. Во изминатите години добро е позната нашата поддршка кон тутунопроизводителите со субвенции. Таа поддршка ќе остане и понатаму. Секторот тутунопроизводство е еден од најфорсираните од оваа Влада. Вкупно 115 милиони евра се исплатени во овој сектор во изминатите шест години на име субвенции. Станува збор за поголема сума. Тоа како определба останува и во наредниот период, рече Пешевски.


Тој нагласи дека оваа компанија е пример како Владата во соработка со општината треба да се однесува кон еден странски инвеститор.


- Околу 450 работни места се создадени тука од кои дел се редовни вработувања, а дел сезонски. Компанијата секоја година го зголемува производството, а со тоа се олеснува пласманот на македонскиот тутун кој според кажувањата на менаџерите е со врвен квалитет и се извезува. Тие постојано го прошируваат својот капацитет. Ние како Влада помогнавме при обезбедувањето на соодветни документации. Клучна улога во завршувањето на административните работи имаше градоначалникот Александар Панов, истакна Пешевски.


Тој најави во  иднина покрај оваа инвестиција и онаа на „Дрекслермаер“ и други инвеститори кои ќе пројават желба за инвестирање во Кавадарци. Владата како што посочи, ќе биде секогаш тука да помогне во реализацијата на плановите на локалната власт и инвеститорите.