Нов акцелератор на Клиниката на онкологија во Скопје

На Клиниката на радиологија и онкологија денеска е промовиран новиот акцелератор за кој се инвестирани околу три милиони евра од кои 2,7 милиони евра за апаратот и околу 300 илјади за адаптација на бункерот во кој е сместен апаратот.

- Завршена е голема работа посебно што наскоро ќе истече времетраењето на другите два акцелератора за кои во текот на следната година ќе се распише нов тендер за набавка. Можам да кажам дека е завршена значајна работа, оцени премиерот Никола Груевски по денешната посета на Клиниката и промоцијата на новиот апарат.

Потсети дека за набавка на вакви апарати се склучени договори и за Битола и Штип. Во Битола веќе е почната градбата на бункерот, додека во Штип наскоро ќе започне изградбата на местото каде ќе биде сместен апаратот.

Според Груевски, со набавката на медицинската опрема во вредност од околу 100 милиони евра се врши сериозна промена во македонското здравство.

- Вршиме добра работа со набавката на овие апарати. Тие се дел од опремата што се набавува за целото здравство која чини околу 100 милиони евра. Во последните две-три години набавката се врши успешно и е на самиот крај што не значи дека ќе застанеме тука и нема понтаму да инвестираме,  потенцира Груевски.