Владата предложи план за надминување на проблемите на вработените во охридски „ЕМО“

Владина делегација предводена од вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски денеска оствари средба со членовите на Управниот одбор на АД „ЕМО“, при што е презентиран план за надминување на состојбите во компанијата.

- Планот е базиран на идејата одредени делови на АД „ЕМО“ што се се уште конкуренти на пазарот да продолжат да работат, а да се изврши рационализација на другите делови каде конкурентноста поради разни причини не е на потребното ниво. Идејата е ЕМО да се сведе на 500 до 600 вработени, и тоа во профитабилните дејности, истакна во Охрид вицепремиерот Пешевски.

Зборувајќи за судбината на вработените во охридскито загубар, Пешевски појасни дека сите заостанати давачки за вработените за социјално, пензиско и здравствено осигурување ќе бидат регулирани во целост и тоа за сите вработени. - Тоа значи дека на сите вработени преку постапката за трансформација на побарувањата што ги имаат фондовите од АД „ЕМО“ ќе бидат трансформирани во нови акции. Сите вработени во ЕМО ќе добијат дополнителен паричен надоместок под титулата заостанати плати, лимитиран на најмногу 2.300 евра. Оние вработени кои се од ДООЕЛ-ите што не се активни и кои повеќе од четири години не доаѓале на работа, ќе добијат значително помал износ, оние кои во изминатиот период преку постапки на извршување наплатиле дел од своите плати во АД „ЕМО“ исто така ќе добијат помал износ и се разбира ќе има мала разлика меѓу оние кои им недостасуваат уште пет години до пензионирање и останатите, рече Пешевски.

Притоа појасни дека за оние кои ќе бидат прогласени за технолошки вишок, во рамките на законот ќе следува соодветен надомест преку Агенцијата за вработување во износ од 50 проценти од просечната плата реализирана во последните две години и тоа за период од една година и 40 отсто од тој просек за две години во наредните четири години, што значи дека оние што се до пет години до пензија ќе се пензионираат, а за останатите ќе заврши надоместокот за тој временски период.

Според владините пресметки, за реализација на овој пакет, доколку биде прифатен, ќе бидат потребни нешто повеќе од седум милиони евра.

- Допонителен напор ќе биде вложен да се подобри ликвидноста во ЕМО, сето тоа со сорбаотка со управниот одбор. Има дел од имотот на АД „ЕМО“ што не е во функција, а може да биде продаден, со тоа што средствата остварени преку негова продажба ќе се употребат како обртен капитал, додаде вицепемиерот.

Пешевски упати апел до сите вработени да имаат верба во друштвото во управниот одбор. - Досега управниот одбор беше замолен од економскиот совет да не дава информации за овие предлози, кои во тоа време се уште беа предмет на анализи. Отсега натаму целата постапка доколку биде прифатена, ќе оди транспарентно, вработените ќе бидат информирани за сите случувања, но потребно е да престанат со процесите на оптужувања и на присилна наплата на заостанатите плати, оттаму што тоа го отежнува целиот процес, нагласи Пешевски.
Тој изрази очекување дека за десеттина дена ќе се знае дали планот е прифатлив за управниот одбор, но пред се за вработените. Притоа тој најави дека доколку биде добиена максимална соработка од сите страни, Владата сериозно ќе се ангажира планот целосно да биде реализиран некаде на првиот квартал од наредната година.

- Дел од постапките би почнале веднаш, но како што реков, постојат голем број сложени правни процедури, преку 30-40 почнати постапки, за чија реализација е потребно време. Но, се надевам дека на крајот на овој период за оние кои имаат заостанати плати ќе заврши дел од агонијата односно ќе добијат дополнителни средства. Дел од нив да продолжат да работат, а ЕМО и натаму ќе биде активен учесник во производството, додаде Пешевски.

Државата која е сопственик на најголемиот дел од акциите на АД „ЕМО“ во шест наврати се обиде да го продаде охридскиот загубар. Сите шест тендери за приватизација на поранешниот индустриски гигант завршија со неуспех.