Министерот Тодоров ги презентираше затекнатите состојби и примената на новиот работен концепт во штипската Клиничка болница


Министерот за здравство Никола Тодоров на денешната прес-конференција со неговиот тим на експерти од странство и земјава и со менаџерите на Клиничката болница Штип ги презентираше состојбите што ги затекнал, но и преземените краткорочни и подолгорочни мерки од примената на новиот проект. Тодоров истакна дека првпат е воведен нов концепт на работа. - Имавме можност и лично да се увериме по постигнатите резултати. Дел од нив се веднаш видливи како што е затворањето на Невролошкото одделение заради нехумани услови за престој и изнаоѓање на брзо решение, односно негова дислокација на Инфективното одделение кое што досега било неискористено. Новите простории веќе се опремуваат со болнички кревети и друг потребен инвентар за нормално функционирање на Невролошкото одделение, рече Тодоров.

Тој забележа дека се констатирани слабости од аспект на менаџментот кој што немал поставено стратегија за работа. Според него видливи ефекти од аспект на подобрувањето на менаџментот на болницата во изминатите пет дена се воспоставување политички правила, насоки и процедури за сите главни операции и давање насоки за проверка како тие да се следат. Министерот за здравство информира дека е констатиран недостиг на стручен медицински кадар во Регионалниот центар за источна Македонија, како и незадоволни и немотивирани вработени за коишто немало систем за награди и казни. - Неделава беше направен договор со доктори професори од Медицинскиот факултет во Штип за нивно вклучување по процесот на работа во болницата. Исто така беше направен распоред за работнто време на медицинските сестри со унифицирано работно време. Направена е и прераспределба на медицинските сестри од оддели кај што има превработенсот во оддели каде што недстигаат медицински сестри и воведен е систем на награди и казни, рече Тодоров. Тој истакна дека е решен и проблемот со амбулантата за ортопедија каде што немало работно време, како и недостиг на продуктивноста во работењето, а за затекнатата состојба во болницата од хигиенски аспект рече дека немало воспоставени протоколи за чистење и одржување на хигиената. - Беа констатирани и слабости во организираност на хигиеничарките, несоодветно менаџирање со медицинскиот отпад, немање средства за хигиена во тоалетите, болничките и лекарските соби, ходниците, магацините и другите делови од установата се наоѓаа во екстремно нехигиенски услови, рече Тодоров.

Од страна на неговиот стручен тим веднаш се преземени конкретни чекори со изготвување на протоколи за чистење и одржување хигиена. Обезбедни се и потребните средства за хигиена, направен е и план за управување со медицинскиот и немедицинскиот отпад, ангажирани се пет нови хигиеничарки и воведена е втора смена на чистење која досега немало во болницата. - Што се однесува до финансискиот аспект констатиравме дека во болницата не е воспоставен адекватен систем на финансиска контрола, не се врши соодветно документирање на јавните набавки, Комисијата за јавни набавки нема изваден електронски сертификат за да можат постапките да се спроведуваат преку електронски систем. За што побрзо надминување на слабостите неделава беа одржани серија интерактивни обуки за подобрување на услугата на пациентите преку четири едноставни алатаки во насока на подобрување на меѓусебните односи на персоналот, истакна министерот Тодоров.

Експертите кои што беа ангажирани во изминатите пет дена забележале дека и дел од скапата медицинска опрема не е инсталирана низ одделенијата во штипската Клиничка болница за што веднаш е пристапено кон обезбедување соодветни услови за сместување на апаратите, но и обука на лекарите и медицинскиот персонал. Министерот за здравство Никола Тодоров на денешната прес-конференција им се заблагодари на стручниот тим на општина Штип, но и на бизнис секторот од каде се најавени донации за штипската Клиничка болница. Од понеделник, како што е најавено, министерот за здравство Тодоров, заедно со неговиот тим ќе престојува во Битола.