Безрезервна поддршка од Данска за македонското евроинтегрирање

Македонија може да смета на поддршката од Данска за почеток на претпристапните преговори. Ова е пораката од денешните одвоени средби на македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски со министерот за европски прашања Николаи Вамен и претседателот на данскиот Парламент Могенс Ликетофт во Копенхаген, јави известувачот на МИА.

Нема промена во принципиелната политика на Данска. Државата која од 1 јануари го презема претседателството со Унијата останува на ставот – поддршка за влез во ЕУ на земјите од Западен Балкан.

- Данска останува посветена на процесот на проширување. Можеме да сметаме за поддршка за почеток на преговорите. Напредокот на Македонија и во европскиот и во евроатлансскиот процес ќе дадат дополнителна динамика за целиот регион, не само за нас. Таа димензија е од исклучителна важност особено поради фактот што Данска од јануари 2012 година го презема претседавањето со ЕУ. Во тие шест месеци мислам дека имаме одлична можност да ги почнеме преговорите за пристапување во ЕУ. Тоа ќе треба да се материјализира и со една одлука на Советот на ЕУ каде сите земји членки ќе имаат можност да дадат поддршка за овој процес кој ќе биде позитивен за целиот регион, изјави шефот на дипломатијата по разговорите со Вамен и Ликетофт.

Заедничка е констатацијата дека дефокусираноста на Грција од проблемот со името поради должничката криза, не смее да ги блокира интеграциските процеси и да ја доведе Македонија во заложничка ситуација. Тоа ќе биде бенефит за сите, колку за Македонија и Грција, толку и за нашите директни и индиректни соседи, како и за ЕУ.

- Приоритет на новата грчка Влада ќе биде економскиот дел. Сериозноста на должничката криза е објективен фактор кој ги фокусира сите напори на тоа поле. Сепак, не смееме да дозволиме тоа да стане негативен фактор кој би ги попречувал интеграциските процеси на Македонија. Мораме да обезбедиме поширок круг за дијалог кој ќе ни овозможи да направиме исчекор во интеграциските процеси. Тоа секако подразбира и конструктивен пристап од страна на јужниот сосед, рече Попоски.

Новата грчка Влада, додаде министерот за надворешни работи, има исклучителна можност да испрати позитивен сигнал во овој контекст. Како што нагласи Попоски, тоа е увидено и однадвор, не е базирано само на опсервации или желби, туку на можност која можеби би можеле да ја трансформираме во заеднички успех.