Продолжува македонско-германската соработка во земјоделството
Успешната соработка на Македонија и Германија во областа на земјоделството треба да продолжи, оценија на денешната средба ресорниот министер Љупчо Димовски и германската амбасадорка Гудрун Елизабет Штајнакер.
Германија е еден од стратегиските партнери на Република Македонија во поддршката на структурните и правни реформи во процесот на европската интеграција, рече Димовски кој, како што соопшти Министерството за земјоделство, ја информира Штајнакер дека од септември почнува нов твининг проект за Вкрстена сообразност во директните плаќања во кој експерти од Германија се партнери на нашето Министерство за земјоделство.
Министерот Димовски додаде дека покрај овој твининг проект, интензивна соработка со германските институции е реализирана и преку KFW банката во областа на водостопанството, поранешната Германската агенција за техничка соработка ГТЗ и сегашното Германско друштво за меѓународна соработка ГИЗ.
Република Германија е силен поддржувач и набљудувач на работата на Постојаната работна група за регионален рурален развој SWG чие седиште е во Република Македонија.
Германија, истакна амбасадорката, произведува вино, но не со толку долга традиција како Македонија. Германија е позната по квалитетот и разноликоста на белите вина, но Македонија има квалитетни црвени вина. Штајнакер воедно ја нагласи важноста на Меѓународната организација за лозарство и вино во која Македонија и Германија се постојани членки.