Ќе се лиценцираат стручните работници во установите за социјална заштита
Министерството за труд и социјална политика воведе лиценцирање на стручни работници во установите за социјална заштита со цел да се зголеми квалитетот на нивната едукација и на услугата, за што најголем бенефит ќе имаат граѓаните.
Лиценцата, како што информира денеска на прес-конференција ресорниот министер Спиро Ристовски, ќе важи пет години и во тој период работникот ќе има обврска да посетува содветен број обуки и да помине низ соодветни едукации и дополнување на знаењето, врз основа на што ќе биде бодуван и по истекот на петте години да може повторно да добие лиценца. Доколку не ги исполни условите лиценцата нема да биде обновена и ќе го изгуби работното место.
- Лиценцирањето претставува процес кој води кон формално признавање на знаењето, вештините и умеењето тоа да се имплементира. Овој процес подразбира издавање и одземање на лиценци, следење и оценување на работата, чијашто крајна цел е задоволување на потребните професионални стандарди, рече Ристовски.
Со лиценцирање на стручните работници и на приватните установи за социјална заштита, според него, започнува процес кој се очекува комплетно да го подигне стандардот и квалитетот на услугите во целиот систем на социјална заштита.
Идејата за едукација на социјалните работници, како што истакна министерот за труд и социјална политика, дошла од динамичните промени и предизвици со кои се соочува социалниот систем.
- Сведоци сме дека се појавуваат асоцијални појави кои до пред извесен период ги немаше. Ова ќе биде до едукација на социјалните работници. Ќе се зголеми квалитетот на знаење на луѓето и на интервенциите, а со тоа полесно ќе можат да превенираат и да реагираат во процесот на ресоцијализација. Најголем бенефит од ова ќе имаат граѓаните, затоа што ќе им пристапат дообучени социјални работници за што ќе гарантира Заводот за социјални дејности, истакна Ристовски.
Тој информира дека Комисијата за лиценцирање интензивно работи на деловникот и програмата за работа, врз основа на кои ќе пристапи кон лиценцирање на стручните работници.
- Со тоа сите стручни работници кои до денот на формирање на Комисијата, засновале работен однос во некоја од установите за социјална заштита, ќе добијат лиценца за работа само врз основа на проверка на имплементацијата на нивното стручно знаење, додаде министерот Ристовски.