Министерот за странски инвестиции, Бил Павлески, на Француско-македонски форум
Министерот за странски инвестиции, г-дин Бил Павлески денеска (16 мај 2013 година), се обрати на Француско-македонскиот форум насловен: ”Франција како бизнис партнер во Македонија“, кој е во организација на Француската амбасада во Република Македонија.
На Форумот министерот Павлески како главен излагач се обрати пред 50-тина француски и македонски компании. Притоа, тој истакна дека од особена важност е продлабочувањето и интензивирањето на досегашната економска соработка меѓу двете земји, како на меѓуинституционално ниво, така и во рамки на бизнис заедницата, со цел зголемување на трговската соработка, како и соработката во областа на инвестициите.
Министерот Павлески ги претстави компаративните предности на Република Македонија од аспект на конкурентните производствени трошоци и атрактивноста на даночниот систем кои ги нуди нашата земја, како и потпишаните договори за слободна трговија, и за можноста земјава да биде еден вид регионален центар за настап на француските инвеститори на европскиот пазар.
На Форумот свое излагање имаа г-ѓа Лоренс Оер, амбасадор на Република Франција во Република Македонија, г- дин Филипе Шатињо, директор на Регионалната канцеларија на Францускиот трезор и г-ѓа Јитка Пантучкова, претседател на Бордот на директори на Охридска Банка – групација Сосиете Женерал.
Своја презентација имаа и претставници на неколку француски компании кои дојдоа во Македонија за изворно да се запознаат со поволностите кои нашата земја ги нуди на странските инвеститори.