Премиерот Никола Груевски во посета на Казахстан

 

Владина делегација предводена од претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, а во чиј состав се и министерот без ресор, задолжен за привлекување на странски инвестиции, г-дин Бил Павлески и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, г-дин Виктор Мизо, денеска и утре (четврток и петок, 23-24.05.2013 година) ќе престојува во економско-политичка посета на Република Казахстан.

Главен фокус на посетата е учеството на премиерот Груевски и македонската делегација на 6-тиот по ред Економски форум „Астана 2013” кој претставува престижен економски собир на економски експерти, стопанственици, претприемачи и менаџери од големи бизнис конзорциуми и компании, професори, добитници на Нобеловата награда од сферата на економијата и претприемништвото, актуелни политичари и државници.

Економскиот форум Астана 2013 се одржува од 22 до 24 мај во главниот град на Република Казахстан, Астана.

Идејата за одржување  на самиот форум потекнува од претседателот на Република Казахстан, г-дин Нурсултан Назарбаев, а како соорганизатори на самиот настан се Владата на Република Казахстан, Обединетите нации, Суверениот фонд на Казахстан „Самрук Кажина” и Евроазискиот економски клуб на асоцијацијата на научници. Целта на постоењето на самиот форум е размена на мислење за социо-економски прашања кои ќе бидат од помош и во функција на подинамичен и стабилен економски развој. Покрај тоа, заклучоците од самиот форум на кој присуствуваат истакнати стопанственици, научници и државници преставуваат одржливи препораки до Владите на земјите учеснички, но и можност за промоција на стопанските потенцијали на државите на глобалната економска карта.

Премиерот Груевски ќе се обрати на церемонијата на работното отворање, по што ќе следи пленарната сесија на 6-тиот Економски форум на кој се говори за економските трендови, како и за предизвиците од глобалната економска криза и чекорите кои се преземаат за нивно надминување. Со своја дискусија ќе настапат и претседателот на Република Казахстан, г-дин Нурсултан Назарбаев, претседателот на 67-то заседание на Генералното собрание на ОН, г-дин Вук Јеремиќ, претседателот на Економско-социјалниот совет на ОН, г-дин Нестор Осорио, генералниот секретар на Конференцијата на ООН за трговија и развој, г-дин Супачаи Паничпакди, претседавачот на Бордот на Евроазиската економска комисија, г-дин Виктор Кристенко, претседателот на Исламската банка за развој, г-дин Ахмед Мохамед Али ал Мадани, професорот на Универзитетот Колумбија, добитник на Нобеловата награда за економија од 1999 година, г-дин Роберт Мундел, претседавачот на одборот и главен извршен директор на Sberbank на Русија, г-дин Херман Греф, како генералниот потсекретар на ООН и раководител на Одделот за економски и социјални прашања, г-дин Ву Хонгбо.

Премиерот Груевски ќе се обрати и на вториот ден на самитот (петок 24.05.2012 година) во рамките на Дијалогот на лидери кој ќе се реализира како дел од глобалниот економски форум. На оваа дискусија свое обраќање ќе имаат и премиерот на Република Казахстан, г-дин Серик Ахметов, поранешниот премиер на Република Италија и поранешен претседател на ЕК, г-дин Романо Проди, поранешните претседатели: на Република Полска г-дин Александар Квашњевски и на Република Бугарија г-дин Георги Прванов, претседателот на компанијата за електроника LG г-дин Бон Јон Ко, потпретседателот на ИБМ г-дин Рос Мауири, меѓународни економски експерти како што е добитникот на Нобеловата награда за економија од 1996 година, Сер Џејмс Александар Мирлес, професорот по економија на Универзитетот во Калифорнија и добитник на Нобеловата награда за економија 2004 година, г-дин Фин Кајдланд, и други релевантни експерти и стопанственици.

Премиерот Никола Груевски ќе оствари и средба со претседателот на одборот на Суверениот фонд на Казахстан „Самрук Кажина”, г-дин Умирзак Шукајев.

Претседателот на Владата Никола Груевски и членовите на владината делегација, ќе остварат и повеќе политички средби со претставници и носители на функции од политичкиот живот на Република Казахстан.

Предвидено е претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски да оствари билатерална средба со претседателот на Владата на Република Казахстан, г-дин Серик Ахметов, како и работен појадок со претседателот на Република Казахстан, г-дин Нурсултан Назарбаев.

Средбите ќе бидат во функција на продлабочување на односите помеѓу Република Македонија и Република Казахстан, како и остварување на разговори за зголемување на можностите за економската и трговската размена и соработка во полето на инвестициите.