Отворен третиот дел од проширениот и реконструиран булевар „Илинден“ во Скопје

Претседателот на Владата Никола Груевски и градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски денеска го пуштија во употреба третиот дел од проширениот и реконструиран булевар „Илинден“, кој што во изминатиов период се градеше на потегот на бензинската пумпа на „Макпетрол“ до улицата „Љубљанска“, во должина од 1.500 метри.

Со проширувањето, булеварот „Илинден“ во овој дел доби четири коловозни ленти широки по 3,5 метри, односно вкупно 14 метри.

- Нови и проширени улици, нови булевари, мостови, кружни текови, паркови, осветлување и зеленило, катни гаражи, нови автобуси, нови културно-забавни содржини, зголемена фреквенција на луѓе, многу нови туристи...сето тоа е одлика на раст и развој на нашата метропола, истакна премиерот Груевски.

Некогашната „Илинденска“, потсети тој, денеска е веќе булевар „Илинден“ по целата негова должина, од центарот на градот, па се до Карпош 4.

- Денес имаме булевар кој по целата должина има по две коловозни ленти во двата правци, нови тротоари, ново осветлување, дрвца и зеленило, со еден збор „целосна преобразба“... од тесна и неуредна улица на која имаше многу гужви, во модерен и прооден булевар кој во целост ќе одговори на сообраќајните потреби и новиот имиџ на градот Скопје, рече Груевски.

Градоначалникот Трајановски информирајќи за она што е направено истакна дека општината не престанува да гради.

Од двете страни на булеварот се оформени нови тротоари со широчина од по 2,5 метри, покриени со асфалт. Рабниците се целосно заменети. Изградена е и нова атмосферска канализација со нови сливници и шахти, долга 610 метри. Трајановски посочи и дека е поставена заштитна жичена ограда на стадионот на ФК „Локомотива“, висока 8 метри, а долга 157 метри.

На проширувањето и реконструкцијата на булеварот „Илинден“ - трет дел, работеа градежните екипи на АД „Гранит“, а Градот Скопје вложи околу 65 милиони денари, додека вкупната инвестиција за реконструкција и проширување на третиот дел од булеварот изнесува 80 милиони денари.

Поставено е целосно ново улично осветлување, за што се вложени девет милиони денари. Во средишниот дел изградена е жардиниера со променлива широчина од 2,5 до пет метри и со должина од 2.000 метри.

Градоначалникот Трајановски му се заблагодари на градоначалникот на Карпош Стевче Јакимовски за соработката.