Нов оглас на Владата за раководители на централно и локално ниво

Прес - конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев
    
Почитувани,

Водејќи се од многу позитивните искуства и од огромниот број на кандидати кои пројавија интерес за ангажман на раководни позиции во рамките на претходниот јавен повик, Владата на Република Македонија денеска објавува и распишува нов јавен повик за пријавување на интерес за ангажирање на раководни позиции, во кои се содржани раководни позиции кои се објавуваат прв пат, односно не беа дел од претходниот јавен повик.

На овој јавен повик се објавуваат околу 100 раководни позиции, од кои дел претставуваат раководни позиции на централно државно ниво, а дел претставуваат раководни позиции на подрачно ниво, односно раководни позиции на подрачните единици на институции, што дава нов квалитет на самиот процес и значително ја проширува транспарентноста и отвореноста и за апликации за пониски раководни места, со што се задоволува и регионалниот пристап и се дава поголема можност за вклученост на заинтересираните лица.

Овој јавен повик ќе трае до 5 јули 2013 година, и во тој рок сите заинтересирани лица кои поседуваат способности, знаења, вештини, но и мотив, волја и желба да се вклучат во процесите на едно поинтензивно ниво, и да раководат со значајни институции се добредојдени да аплицираат. Сакаме да истакнеме дека сите заинтересирани имаат еднакви шанси и опциите се еднакви за сите, нема да има никаков основ на дистинкција и ќе се вреднуваат единствено индивидуалните квалитети и способности. Можност за кандидирање имаат и лицата кои се актуелни раководители на институциите.

Како што беше истакнато, дел од објавените позиции на овој оглас се раководни на централно, а дел се раководни позиции на подрачно ниво. Основот по кој се дефинирани позициите, е ист како и претходно, а тоа се позиции каде што раководат лица кои се вршители на должноста, моментално непополнети позиции или пак позиции за кои што мандатот на актуелните раководни лица завршува во текот на 2013 година.

Позиции кои се дел од раководните позиции на централно ниво, а се дел од овој повик, меѓу другите се директорското место во Јавното претпријатие за патишта, директорското место во Државниот инспекторат за урбанизам и градежништво, директорски места во Македонска Навигација – М-НАВ, во МЕПСО и други.

Значаен дел од овој повик се раководните места од областа на здравствените институции, односно директорските места во Универзитетските клиники, каде што застапени се 16 позиции на организациски директори на клиниките и 6 позиции на медицински директори на клиниките, како и директорски места во клиничките болници. Исто така, предвидени се и секторските директорски места во Фондот за здравствено осигурување, и тоа во Секторот за финансии и во Секторот за сметководство.

Она што би сакале да го акцентираме во рамките на овој јавен повик, е дека се предвидени значаен број на раководни позиции во рамките на подрачните единици на определени институции. На овој начин се демонстрира на дело и политиката на отворени врати и на регионално и локално ниво, се дава шанса за раководење со позиции на лица кои би се пријавиле, а потекнуваат од локалното место кое го покрива подрачната единици што претставува дополнителен квалитет кој може да придонесе во процесите бидејќи локалните граѓани соодветно ги познаваат приликите, предизвиците, можностите и перспективите на одредената институција. Се проширува отвореноста и на пониските ешалони и се зголемува конкурентската основа.

Меѓу другите, на овој јавен повик се предвидени и 9 подрачни одделенија  на Управата за имотно правни работи, и 9 подрачни единици на Агенцијата за катастар на недвижности. Дел од повикот се и 18 подрачни директори на подрачни шумски служби на ЈП Македонски шуми и 14 раководни позиции во подрачни единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и 10 раководни подрачни позиции во Управата за водење на матична евиденција, 3 подрачни раководители на Центри за вработување на Агенцијата за вработување, 4 во подрачните единици на Бирото за развој на образованието и други.

Јавниот повик ќе биде објавен денеска на интернет страницата на Владата и во медиумите, и во него ќе се содржат сите поединечни услови и критериуми кои заинтересираните кандидати треба да ги исполнат за кандидирање за одредена позиција, кои се предвидени врз основа на закон.
    
По добивањето на апликациите тие ќе бидат разгледани од страна на стручни тимови, а кандидатите ќе бидат повикувани и на интервјуа, за да бидат запознаени, да се разменат ставови и мислења по поедини теми и непосредно да се добие соодветен впечаток.

Апелираме граѓаните да ја искористат оваа можност. Даваме сериозен и значен простор да бидат искористени нивните капацитети, да дојдат до израз нивните способности, да се мобилизира способниот кадар за да може да се придонесе дополнително во реформите и во спроведувањето на мерките, активностите, политиките и проектите на Владата со единствена поента задоволување на потребите и интересите на граѓаните на Република Македонија.