Корлацеан: Романија сака што поскоро да ја види Македонија во ЕУ и НАТО

Романија сака што поскоро да ја види Македонија во Европската унија и НАТО, изјави министерот за надворешни работи на Романија Титус Корлацеан по денешната средба со шефот на македонската дипломатија Никола Попоски.

Корлацеан на заедничката прес-конференција напомена дека вратите на Алијансата треба да бидат отворени за сите земји што ги исполнуваат стандардите.

- Романија ја поддржува Македонија за почнување на претпристапните преговори и ќе и помогне во целиот процес за да не ги повтори истите грешки. Убеден сум дека има капацитет да ги исполни сите стандарди за евроатланското интегрирање, истакна Корлацеан.

Двете земји, потенцира, делат заеднички вредности и визии за иднината.

Корлацеан уште еднаш го повтори ставот на Романија дека сите држави од Балканот треба да бидат членки на ЕУ и НАТО. 

Членството во НАТО и ЕУ останува еден од приоритетите на Македонија. - На патот кон НАТО видовме позитивен гест од страна на нашите романски пријатели, креирањето на Групата 3+4, трите земји членки на Алијансата кои сакаат потесно да соработуваат за зачленување на кандидатите, во прв ред Македонија чиј придонес во НАТО е особено ценет, рече министерот Попоски.

Според него, Романија, Полска и Турција сакаат тоа да се реализира час поскоро, а Македонија веќе подолг временски период придонесува за Алијансата како да е нејзина членка.

Двајцата министри денеска потпишаа Договор за интензивирање на соработката во образованието, науката, културата и спортот. Ќе се заложат, како што нагласија, и за јакнење на бизнис контактите, за развој на економијата и туризмот, а се разгледуваат и можностите за максимална соработка во одбраната и правдата.

Во текот на разговорите посебно е акцентирана регионалната соработка. Договорено е формирање тело кое ќе води континуирани разговори на ниво на министерствата за надворешни работи со цел јакнење на билатералните и регионалните односи. - Романија секогаш ги поддржувала регионалните процеси за поголема соработка и јакнење на довербата. Тоа е еден од главните принципи од кои ќе се раковидиме при претседателствувањето со Процесот на соработка во ЈИЕ. Во оваа насока ќе ги искористиме и македонските искуства, рече Корлацеан.

На средбата станало збор и за изјаснување на малцинствата во двете земји.