Од 29-та владина седница

 

Владата на Република Македонија вчера ја одржа својата 29 редовна седница на чиј дневен ред имаше 116 точки.

Покрај редовните точки за процесите на европска интеграција, реформите во јавната администрација, реформите за подобрување на состојбите во здравството и образованието, Владата расправаше за повеќе точки од сферата на економијата, градежништвото и туризмот.

На владината седница беше утврден предлогот за измени во Законот за домување со што се регулира прашањето од аспект на потребата за добивање согласност од страна на Владата на Република Македонија по однос на актите кои ги донесува правното лице кое е основано од страна на Владата на Република Македонија за стопанисување со станбениот и деловниот простор од значење за Републиката, и тоа на актот за утврдување на цените за продажба на станови и на актот за продажба на стан со кои стопанисува ова правно лице.

Владата расправаше и за измени во Законот за готовински плаќања, при што се утврди текст за измени на овој закон со кој се предлага доколку даночниот обврзник кој вовел и користи одобрен систем на фискална опрема на купувачот на доброто, односно корисникот на услугата, во моментот на предавањето и плаќањето на доброто, односно на извршувањето и плаќањето на услугата, не му издаде фискална сметка, купувачот на доброто, односно корисникот на услугата, нема обврска да ја плати цената на доброто, односно цената на услугата.

С О О П Ш Т Е Н И Е

На седницата беа донесени одлуки за трансфер на надлежностите во делот на располагање со градежното земјиште на општините: Струмица, Кисела Вода, Карпош, Делчево, Струга и Виница.

Владата ја разгледуваше и информацијата за можноста за укинување на одлуката за заштита на пазарот на брашно преку врзување на увозот на брашно со откуп на пченица произведена во Република Македонија, при што беше заклучено дека со оглед на тоа што со оваа мерка е постигната целта за поддршка на откупот на домашното производство на пченица, истата може да се укине. Одлуката за укинување ќе важи од нејзиното објавување во Службен весник.

На владината седница се расправаше и за информацијата со предлог мерки за поттикнување на женско претприемништво за 2012 година, при што беше заклучено да се пристапи кон дефинирање на конкретни услови и критериуми врз основа на кои ќе се спроведуваат мерките за поддршка на женското претприемништво за 2012 година.

Во однос на туризмот, се разгледуваа информациите за можноста за субвенционирање на 10 општини за изработка на стратегии за развој на еко и алтернативен туризам, при што беше заклучено активностите по однос на ова прашање да бидат поддржани преку соодветните програми во рамки на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Воедно, беше разгледана и информација со предлог мерки на активности и акционен план за мапирање на туристичките знаменитости и одбележување на сообраќајниците, при што беше заклучено активностите за поставување на предвидените 120 знаци за 2012 година да заврши пред почетокот на туристичката сезона, најдоцна до мај. Од предвидените 120 знаци, 50 ќе бидат поставени од страна на Министерството за економија, додека останатите 70 ќе бидат поставени од страна на општините.