Водечки компании ќе стипендираат студенти од Технолошко-металуршкиот факултет

 

Деветнаесет водечки компании во индустрискиот сектор во Македонија потпишаа договор за соработка со Технолошко-металуршкиот факултет на Скопскиот универзитет и Министерството за образование и наука за стипендирање студенти за периодот 2012-2016.

Деканот на факултетот Александар Димитров информираше дека со договорот компаниите се обврзуваат да обезбедат 38 стипендии за студенти запишани во прва година, во траење од осум семестри. Студентите ќе добиваат стипендија од 6.150 денари месечно или 73.800 денари годишно. Скопскиот универзитет, исто така, се обврзува да обезбеди стипендии за десет најдобри студенти на овој факултет во траење од два семестра. Тие ќе бидат ослободени од годишната школарина во висина од 12.300 денари. МОН, пак, се обврзува да обезбеди стипендирање на 25 најдобри студенти запишани во прва година на студии на Технолошко-металуршкиот факултет во траење од осум семестри. Тие ќе добиваат месечна стипендија од 5.150 денари или 61.800 денари годишно.

Со документот е договорена и летна пракса од шест до осум недели, од 15 јуни до 15 август, за студентите во втора и трета година, како и дневна пракса во траење од 30 до 40 работни денови годишно за студентите од втора, трета и четврта година. За летната и дневната пракса  компанијата ќе му исплатува соодветен надомест на студентот. Договорот овозможува и кратки курсеви за освежување на знаењето на постојниот кадар инженери технолози.

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски истакна дека преку соработката на индустријата и науката се внесува нов дух во образованието.

- Ова е само еден дел од поголемата активност што ја планира Владата на РМ за подобрување на бизнис-климата, но и за создавање подобри услови за младите студенти, особено од техничките кадар, каде што има недостиг, рече Пешевски. Тој го потенцираше значењето на летната пракса предвидена во договорот која, како што рече, ќе овозможи веднаш по дипломирањето студентите да бидат реално употреблив кадар во индустријата. Тоа е шанса тие бргу да најдат работа, зашто токму компаниите се нивните идни работодавачи.

За министерот за образование и наука Панче Кралев договорот е одличен пример како треба да соработуваат бизнис-заедницата и академската заедница. Очекува да се проширува листата на вклучени компании, како и бројот на факултетите што ќе соработуваат со стопанскиот сектор.

- Целта на овој договор е да се воспостави соработка меѓу бизнис-заедницата и Технолошко-металуршкиот факултет, кој генерира кадар што е дефицитарен на пазарот на трудот. Договорот ќе овозможи и размена на информации за потребите на компаниите и потребите на наставните планови по кои учат студентите на овој факултет. Компаниите-потписнички се успешни и реномирани и сме благодарни за нивната поддршка и интересот за оваа иницијатива, рече министерот Кралев.