Работилница „Еколошката правда во Македонија“

 

Зајакнување на капацитетите и соработката на граѓанскиот сектор и Народниот правобранител со институциите задолжени за заштита на животната средина е целта на работилницата „Еколошката правда во Македонија“, што се одржува денеска во Скопје.

Програмскиот директор на Центарот за еколошка демократија „Флорозон“ Кирил Ристовски  на отворањето на работилницата истакна дека во Република Македонија темата „еколошка правда“ досега беше крајно маргинализирана и покрај тоа што не засега дирекно сите нас.

- Според досегашните истражувања, во Македонија има низок степен на познавање на уставно загарантираните  и законски пропишаните права на граѓаните, што од друга страна е искористено од економските оператори и резултира со неконтролирано загадување во некои области, рече Ристовски.

Народниот правобранител Иџет Мемети нагласи дека во Република Македонија се уште свеста на граѓаните за заштита на животната средина е на ниско ниво.

Според спроведените извештаи, како што додаде,  мал е бројот на  граѓаните  кои се обраќаат до институцијата Народен правобранител со барање за заштита на нивните права за живеење во здрава животна средина.

Мемети посочи дека најголемиот број интервенции се по иницијатива на Народниот правобранител, што покажува дека треба да се работи на подобрување на комуникацијата меѓу граѓаните и институциите за контрола и заштита на животната средина.

Учесниците на дводневната работилница ќе дискутираат за европското право, како и за методите и практиката на европскиот и унгарскиот омбудсман кога станува збор за заштитата на животната средина.

- Искуствата во Европа и пошироко покажуваат дека се повеќе се развива трендот на воспоставување на нови механизми  за заштита на животната средина, како што е случајот со Унгарија каде има „зелен правобранител“, додаде Мемети.

Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми посочи дека во Македонија скоро сите закони од областа на животната средина се усогласени со европската легислатива, но дека тоа не е доволно за граѓаните да ги остваруваат нивните права се додека тие неможат да се имплементираат од релевантните институции.

- Работилницата е можност да се започне со остварување комуникација помеѓу надлежните органи од една страна и претставниците на НВО секторот од друга страна, кој пак претставува платформа за пристапување на секој граѓанин, истакна Адеми и додаде дека комуникацијата ќе придонесе кон заштита на животната средина и постигнување одржлив развој.

Тој нагласи дека во нашите закони се применува начелото „загадувачот плаќа“ што подразбира надоместок на сите штети предизвикани од човечки фактор, како и инструментот „молчењето е одобрување“ што значи поефикасна работа на администрацијата.

Амбасадорот на Кралството Норвешка Кјетил Паулсен рече дека Македонија презема значајни чекори со тоа што прифаќа соодветни закони кои се во согласност со барањата на Европската унија.

- Додека се подготвува и усвојува потребното законодавство од големо значање е фокусот да  се стави на имплементацијата на правната рамка. Капацитетот треба да биде воспоставен во сите релевантни институции за да се осигура дека законите и регулативите се реализираат на терен, а потребен е и соодветен мониторинг, посочи норвешкиот амбасадор.

Дводневната работилница е во организација на Канцеларијата на Народниот правобранител и Центарот за еколошка демократија „Флорозон„, со поддршка на амбасадите на Соединетите aмерикански држави и на Кралството Норвешка.