Финансиска помош за млади претприемачи за започнување бизнис

Министерството за економија прв пат финансиски ќе им помага на младите луѓе на возраст од 18 до 30 години да започнат свој бизнис и нивните бизнис идеи да ги преточат во бизнис планови. Средствата кои ќе ги добијат за таа намена нема да треба да ги враќаат. 

За таа намена на 17 јули годинава објави јавен повик за избор на најдобар бизнис план за млади претприемачи на кој првите три наградени бизнис планови ќе добијат парични средства. За првата награда Министерството за економија ќе додели ваучер во вредност од 330.000 денари, за втората 230.000 и за третата 140.000 денари. Останатите седум бизнис идеи кои ќе бидат евалуриани од специјална стручна Комисија составена од експерти и домашни професори ќе имаат можност да бидат презентирани пред бизнис заедницата. 

Право на учество на конкурсот имаат студенти и млади претприемачи на возраст од 18 до 30 години. Секој учесник на натпреварот има право да аплицира со само еден бизнис план во чија изработка може да учествуваат најмногу четири лица. Услов, пак, за добивање на паричната награда од конкурсот е формирање на претпријатие на чие име и сметка ќе бидат префрлени средствата. Претпријатието треба да се основа по завршувањето на натпреварот, а носителите на бизнис планот мора да бидат негови основачи и сопственици.

Претходно, Министерството на 26 февруари годинава објави јавен повик за избор на најдобра бизнис идеја на кој вкупно беа испратени 106 апликации. Секој од апликантите требаше да кратко да ја образложи својата идеја за бизнис и да ја прати до Министерството за економија. Од апликантите 30 во периодот од 3 до 8 април посетуваа обуки како својата бизнис идеја да ја преточат во бизнис план.    

- Претприемништвото претствува движечка сила на секоја економија. Затоа меѓу врвните приоритети на Владата е да се поттикне претприемничкиот дух кај младите. Ние силно работиме во таа насока се со цел да создадеме услови за да им дадеме можност на младите да ја разбудат нивната креативност и иновативност, рече министерот за економија Ваљон Сарачини на денешната прес-конференција.

Тој ги повика младите претприемачи кои аплицирале на јавниот повик за избор на најдобра бизнис идеја до 15 август, до кога истекува крајниот рок, својата бизнис идеја да ја претворат во бизнис план и официјално да учестуваат на конкурсот на Министерството за економија за избор на најдобар бизнис план.

Очекува најмалку 70 од 106. апликации за бизнис идеи да бидат преточени во бизнис планови и да бидат доставени до Министерствоото за економија за учество на конкурсот за избор на најдобар бизнис план. 

Најголем дел од апликациите на првиот конкурс се од областа на ИТ секторот и тоа претежно веб-апликации, апликации за мобилен телефон и игри за мобилен телефон, но има и идеи за основање сателитска туристичка мрежа преку која он-лајн ќе се следи од која земја доаѓаат туристите во Македонија и кои места ги посетуваат. 

Мартин Манчевски и Кирил Кировски, студенти кои аплицирале на првиот конкурс, истакнаа дека средствата што ги дава Министерството за економија се доволни за започнување на сопствен бизнис.

- Ни требаат многу малку средства своите за да ги оствариме нашите бизнис идеи зошто имаме волја за работа и знаење, рече Манчевски.

Кировски, кој сака да основа ИТ компанија за производство на игри, смета дека Македонија во оваа област наскоро може да биде исто што и Германија во автомобилската индустрија.  

Преку различната поддршка за младите претприемачи во изминатите неколку години во ПСМ инкубаторот  се отворени 70 ИТ компании во  кои работат 300 млади луѓе. Најголем дел од овие компании работат на мобилни ИТ апликации и се извозно ориентирани и своите производи ги продаваат на странските пазари поради што брзо стануваат финансиски независни.