Ставрески: Владата на повеќе начини го поддржува извозот

 

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески смета дека Владата на повеќе начини го стимулира извозот и оти не е дозволено негово субвенционирање, како што бараат некои од големите извозници.

- Субвенционирањето на извозот не е дозволено согласно обврските што ги имаме со Светската трговска организација и ЦЕФТА, рече вицепремиерот Ставрески, одговарајќи на прашање по потпишувањето на договорот за заем со Светска банка, Дојче банка и Сити банка во Министерството за финансии.

Тој посочи дека Владата како поддршка на извозот веќе обезбеди евтини финасиски средства по стапка од 5,5 проценти, обезбеден е и факторинг, како и други нови инструменти од страна на Македонската банка за поддршка на развој. 

- Обезбедена е и гаранција на инвестиции во странство и долгорочни и краткорочни средства и за ликвидниост и за инвестиции во делот на извозните компании. Верувам дека со тоа, а секако и со одржувањето на најниски даноци во Европа во вакви тешки кризни времиња ја покажавме поддршката за извозот, нагласи Ставрески.