Попоски со писмо до колегите од ЕУ бара почеток на преговорите и паралелно решавање на името

 

Министерот за надворешни работи Никола Попоски испратил писмо до неговите европски колеги во кое бара Македонија во декември конечно да добие датумот за почеток на пристапните преговори со Европската унија, а проблемот со името да се решава паралелно. 

- Упатив писмо до своите колеги во кое потенцирав дека имаме интерес сите заедно, не само Република Македонија, туку и сите земји-членки и ЕУ да поттикнеме еден пристап кој ќе биде европски. Тоа подразбира да не е базиран на ригидност и попречување, туку на соработка со особен акцент на оние делови каде имаме заеднички интереси, изјави министерот Попоски одговарајќи на новинарско прашање по садењето дрвца на Средно Водно заедно со дипломатскиот кор.

Прашан дали може да се реализира во пракса таквата идеја, Попоски одговори дека тоа зависи од 27. земји-членки кои седат  во Советот на ЕУ.

- Имаме силни аргументи да примениме  еден пристап кој е европски и кој се покажал успешен и во други примери. Мислам дека е добра можност што треба да биде искористена, нагласи шефот на македонската дипломатија.