Сахара Балканскиот фестивал продолжува со мировен самит на кој ќе говори Тони Блер

Педесетина светски лидери - поранешни претседатели, премиери, министри, амбасадори, меѓу кои кои и поранешниот британски премиер Тони Блер ќе присуствуваат на добротворен мировен самит, што ќе се одржи денеска во Скопје, во рамки на Сахара Балканскиот мировен фестивал.

Денеска ќе биде одржана и конклава за мирот со учество на невладиниот сектор, а ќе биде доделена и награда за мир.

Сахара Балканскиот мировен фестивал, почна синоќа на плоштадот „Македонија“  со перформанс на танчери од студиото на Шајмак Давар од Индија. Организиран е по повод одбележувањето на роденденот на Махатма Ганди и на Меѓународниот ден против насилството. Фестивалот е иницијатива за промовирање на мирот и секоја година ќе се одржува во различна балканска земја.

Балканскиот мировен фестивал за отворен го прогласи премиерот Никола Груевски.

- Мирот е вредност кон која отсекогаш се стремеле прогресивните сили на човештвото. Складноста, балансот и хармонијата се негови главни одлики кои претставуваат двигател на развојот и благостсојбата на општеството, како и предуслов за среќа на секој поединец, истакна премиерот Груевски.

Македонија, потсети, учествувала и учествува во повеќе мировни мисии, востанови Светска конференција на меѓуверски и меѓуцивилизациски дијалог и поддржува разлчични манифестации кои прокламираат мир, сожителство и меѓусебно разбирање.

- Нашата местоположба, во срцето на Балканот, нашето минато, но и аманетот што ни го остави нобеловката Мајка Тереза, една од симболите на мирот, не обврзуваат силно да ги шириме и пропагираме овие вредности колку што можеме повеќе и подалеку, подвлече меѓу другото, премиерот.

Сопственикот на Сахара групацијата Субрата Рој, кој по повод фестивалот допатува во Скопје, нагласи дека иницијативата за мир почнува токму од тука зашто Македонија е земја на љубов, толеранција и разбирање.

- Оваа идеја зрееше во мене подолго време, но барав град, земја во светот, која е полна со љубов и почитување, земја без корупција и тоа го најдов во Македонија, рече Рој.

Балканскиот мировен фестивал го поздрави и градоначалникот на Скопје Коце Трајановски, а освен него, на отворањето присуствуваа и пратеници, министри во Владата, како и вицепремиерите Владимир Пешевски и Зоран Ставрески.

Перформансот на плоштадот беше дополнет со танц на неколку стотини танчери од Балетскиот училишен центар и изведување сопствена песна на малиот Ангел Бекарски. Испратени беа пораки за мир и првпат се изведе песната „Мајка“ посветена на Мајка Тереза.

Фестивалот е спонзориран од Сахара групацијата, под покровителство на Владата на Република Македонија.