Нова австриска инвестиција од еден милион евра ќе се реализира кај Виница

 

Австриската компанија Текспорт во наредната година ќе инвестира еден милион евра во изградба на фабрика за производство на заштитна облека при работа. Инвеститорот конечната одлука ја објави денеска на Македонско-австрискиот бизнис форум што се одржа во Виена, а на кој беа присутни околу 150 компании заинтересирани за инвестирање во Македонија.

Фабриката, јави известувачот на МИА, ќе биде лоцирана во Виница, ќе вработува 200 лица, а се очекува да почне со производство на крајот на 2012 година. Сопственикот Отмар Шнајдер изјави дека земјиштето е купено и оти во текот на зимата ќе се подготвува реализацијата. Ова е трета инвестиција на австриска Текспорт во Македонија.

– Почнавме во 1999 година во Скопје со 60 луѓе, сега имаме 200 вработени, во Кочани има околу 200 и во новата инвестиција се очекуваат вработувања од 200 вработени, изјави Шнајдер.

Тој изрази задоволство од условите за работа и од работната сила која е квалификувана за производство на ваква висококвалитетна облека. Производството го пласира главно во Европа, како и во Јужна Америка и Саудиска Арабија.

Според вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, ова е доказ дека стратегијата на Владата за привлекување инвестиции дава резултати. - Овие форуми се користат за воспоставување иницијални контакти, за анимирање на компаниите во државите во кои доаѓаме и за завршување на преговорите или разговорите со компании кои имаат одлучено да инвестираат во Македонија, изјави Пешевски.

Тој потенцира дека новата инветиција била најавена во предизборието. Пешевски посочи дека владиниот тим имаше средби и со други компании во Виена и оти се надева дека вакви позитивни вести ќе има и во иднина.

Пред австриските стопанственици беа претставени потенцијалите за инвестирање, а како сектори во кои може да има соработка беа производство на автомобилски компоненети, енергетка, информатика, текстил, земјоделство...

Австрија е водечки инвеститор во Македонија со 370 милиони евра инвестиции од 2007 до 2010 година. Годинава приливот на инвестиции од Австрија изнесува 10 милиони евра. Присутни се во енергетскиот сервис, банкарскиот, осигирувањето, телекомуникациите... Постои голем интерес за влез во енергетскиот сектор, а како целни сектори каде се очекуваат инвестиции од Австрија се автомобилски компоненти, земјоделство и преработка на храна, бизнис услуги и аутсорсинг, фармацевтска индустрија и медицински помагала, обновливи извори на енергија, градежништво и недвижности и туризмот и инфрастрктурата.

Инвестициските можности на земјата владиниот тим попладнево ќе ги претстави и пред бизнисмени во Германија.