Премиерот Груевски ги повика германските стопанственици да инвестираат во Македонија
Суштинските реформи што Република Македонија ги направи во изминатите години во насока на подобрување на деловната клима и градење имиџ на привлечна европска дестинација, ги претстави премиерот Никола Груевски попладнево пред германските стопанственици во Минхен.
- Во изминатите години се спроведени длабоки и суштински реформи во фискалната сфера. Во делот на даночната политика, воведовме рамен данок од 10 отсто што Македонија ја прави земја со најниски даноци во Европа. Исто така, ја ослободивме од оданочување задржаната добивка и постепено ги намалуваме социјалните придонеси за една третина. Пристапивме кон силно намалување на административниот и регулаторниот товар за водење бизнис, преку проектот регулаторна гилотина, со кој се поедноставија дел од прописите и се укинаа несуштинските обврски за бизнисите. Донесени се мерки во делот со управување со градежно земјиште со што е поедноставена постапката за градење, намалени се комуналните трошоци, зголемени се субвенциите за земјоделското производство, како и многу други реформи кои позитивно влијаат врз бизнис климата во Република Македонија, истакна премиерот на Македонско-германскиот бизнис форум.
Тој додаде дека врз основа на подобрената бизнис клима и активностите за промоција на Република Македонија како атрактивна бизнис дестинација привлечени се познати странски компании во технолошко-индустриските зони како Џонсон контролс, Џонсон мети, а пристигнати се и инвестициите на Текнохосе од Италија, Кемет електроникс од САД, Протект груп од Русија..., а втора фабрика почна да гради Џонсон контролс.
- Очите на македонската политичка и бизнис заедница во една мала и отворена економија, како што е Република Македонија, се вперени токму во Сојузна Република Германија. Брзото закрепнување на германското стопанство е еден од најважните услови за зголемување на македонскиот извоз и задржување на високите стапки на економски растеж меѓу 4 и 6 проценти, кои ги имавме пред кризата и повторно ги остваривме во првата половина од 2011 година, истакна премиерот кој посочи дека одличната економска соработка меѓу двете земји е плод на долгогодишната меѓусебна доверба, значајните реформи кои ги преземаме и секако континуираната поддршка што СРГ ја дава на патот кон европските интеграции.
Според премиерот, одличната економска соработка меѓу Македонија и Германија се должи и на големата сличност меѓу правните системи и традиции во нашите земји. Влијанието, појасни, на германското право е силно изразено во голем број земји во Европа, вклучувајќи ја и Република Македонија, што се покажува како важен олеснувачки фактор во склучувањето деловни договори со германските бизнисмени.
Потсетувајќи дека Германија е еден од најважниот трговски партнер на Република Македонија од нејзиното осамостојување до денес и дека се меѓу првите 10 најголеми инвеститори во Македонија, ги повика присутните да бидат решителни во донесувањето на своите деловни одлуки, од што пак, како што рече, корист ќе имаат двете земји.
Владиниот тим ги запозна потенцијалните инвеститори поконкретно со макроекономските индикатори, проектите и секторите во кои може да се инвестира, поволносите на ТИРЗ... Сектори каде се очекува влез на германски капитал се инвестиции во производството на автомобилски компоненти, информатичко-комуникациска технологија, земјоделство и преработка на храна, бизнис услуги, фармацевтска индустрија и медицински помагала, енергетика и обновливи извори на енергија, туризам, градежништво и инфраструктура.
За врме на престојот во Минхен премиерот Груевски, заедно со економскиот тим, се сретна со раководството на „Сименс“ и БМВ, како и со претставници на неколку германски компании со кои разговорите за нивно инвестирање се во понапредна фаза.
Германските странски директни инвестиции заклучно со 2010 година изнесуваат 71.370.000 евра или 2,98 отсто од вкупните странски директни инвестиции во Македонија. Годинава инвестирани се 0,11 милиони евра. Таа е еден од најзначајните трговски партнери на Македонија и во 2010 и од почетокот на оваа година е на прво место на листата со кои Македонија остварува најголем обем на трговска размена. Вкупната размена годинава е 1.110.150.000 американски долари, со суфицит на македонска страна. Најмногу извезуваме катализатори на носачи со благородни метали, машикни и апарати за филтрирање и пречистување течности или гасови, текстилни производи, фероникел, вино од свежо грозје..., а увезуваме моторни возила, хемиски производи и деривати, ќерамички производи, рентген апарати за медицинска намена, ...
Инвестициските можности на Македонија утре ќе бидат претставени и на Бизнис форум во Дизелдорф. Премиерот Груевски во Германија е придружуван од вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, министерот без ресор Веле Самак, директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот Висар Фида и директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо.