Поликлиниката Букурешт по пет месеци со нов ентериер и партерно уредување

Почна темелната реконструкција на Поликлиниката Букурешт во рамки на владините инвестиции во здравството за изградба и реновирање на здравствените установи во државата. Се очекува реконструкцијата да заврши во јули кога Поликлиниката ќе одбележи половина век постоење.

По повод почетокот на градежните работи за реконструкција на Поликлиниката Букурешт, министерот за здравство Никола Тодоров и директорката на Здравствен дом Скопје денеска ја посетија таа здравствена установа.

- Поликлиниката Букурешт е една од најпосетените поликлиники во Градот Скопје. Има околу 1.500 пациенти дневно и постои речиси 50 години. Затоа се одлучивме јубилејот 50 години од нејзиното постоење да го одбележиме со темелна реконструкција, бидејќи е една од најзначајните поликлиники во Скопје, изјави Тодоров.

Реконструкцијата, посочи министерот, ќе ја опфати практично целата Поликлиника, внатрешниот дел, но и партерното уредување и оградата околу објектот, а фасадата нема да се реконструира, ќе си остане автентична.

- Целиот договор е околу 24 милиони денари и очекуваме да заврши во период од пет месеци, по што на одбележувањето на јубилејот 50 години постоење на Поликлиниката, ќе можеме практично и да ја отвориме целосно реконструирана, истакна Тодоров и додаде дека и покрај градежните работи Поликлиниката ќе функционира нормално и ќе се примаат пациенти.

- Во целиот овој период ќе гледаме да се изведуваат работите без да се наруши редовниот процес на функционирање, со особен акцент на извршување на активностите за време на викенд кога и нема или има многу мал број пациенти. Почнуваме од најгорниот кат, па потоа ќе одиме надолу. Ќе се реконструираат не само специјалистичките ординации кои се во рамки на Здравствениот дом, туку ќе се реконструираат и деловите кои се издадени на матичните лекари, каде што доаѓаат пациентите, рече Тодоров.

Нагласи дека очекува оти реконструкцијата ќе биде не само на задоволство на пациентите, туку и на сите вработени кои работат во Поликлиниката Букурешт во која ги има практично сите специјалности и тоа е нејзината предност.

Директорката на Здравствен дом Скопје, Татјана Баевска Вучковиќ изјави дека Поликлиниката Букурешт претставува базата на секундарната Специјалистичка служба.

- Во Поликлиниката има три кабинети кои функционираат и како единствени што се на територија на Град Скопје и каде пациентите ги добиваат своите услуги. Тоа се кабинетите за ортопедија, за контактни леќи и од неодамна новоотворениот Андролошки кабинет, кој е како единствен на секундарно ниво на Град Скопје. Останатите специјалистички служби се со поголем обем и поголем вид услуги. Во објектот е сместена и Комисијата за времена спреченост од работа, рече Баевска Вучковиќ.

Посочи дека 2013 година ја одбележале 74.000 здравствени услуги од специјалистичката служба, 26.000 корисници на Комисијата за времена спреченост од работа и околу 10.000 здравствени услуги кои се дадени во примарната превентивна здравствена заштита во делот на детското советувалиште и превентивната стоматологија.

- Значењето и бенефитот е взаемен како за вработените, бидејќи во нормални и нови услови секако попријатна е атмосферата, така и за нашите корисници кои најмногу очекуваме да бидат задоволни и кои навистина во голем број секојдневно ја посетуваат Поликлиниката, додаде Баевска Вучковиќ.

Поликлиниката Букурешт е донација од Романците во рамки на солидарната акција за обнова на Скопје по земјотресот во 1963 година.