Кралев: Доколку учебниците се користат шест години не значи дека нема тековно да се обновуваат

Самиот факт што условно кажано го продолжуваме рокот за користење на бесплатните учебници во основно и средно образование од три на шест години, не значи дека нема тековно да се обновуваат сите учебници.

Ова го изјави министерот за образование и наука Панче Кралев, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција на која беше претставен новиот систем на МОН наречен „Видео агрегатор“.

- Идејата е во тие шест години учебниците да бидат комплетно обновени. За следната година ќе бидат обновени првите учебници кои биле ставени во употреба пред три години, рече министерот Кралев.

Членовите на собраниската Комисија за образование, наука и спорт на денешната седница го разгледаа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за учебници за основно и средно образование во прво читање со кој се предвидува наместо досегашните три, учебниците кои се доделуваат бесплатно во основните и средни училишта да се користат шест години.

На измените реагираше опозицијата која смета дека шест години е невозможно користење на исти учебници. Тие предлагаат да се повлече Предлог-законот и да остане старото законско решение.