Министерот Беџети на регионална конференција на министри за внатрешни работи и правда во Србија

Република Македонија заедно со другите држави од Западен Балкан ги следи глобалните трендови во справувањето со организираниот криминал. Реформите кои се преземаат во Република Македонија се во функција на зголемување на ефикасноста на органите на кривичниот прогон и судството, како и унапредување на соработката меѓу државите на регионално и меѓународно ниво.

Ова го истакнал министерот за правда Блерим Беџети во своето излагање пред учесниците на Регионалната конференција на министерствата за внатрешни работи и правда што се одржува денеска и утре во Белград, Република Србија, на тема „Регионална и меѓународна соработка во борбата против организираниот криминал во Југо-источна Европа: Предизвици и достигнувања“.

Како што соопшти Министерството за правда,  во рамките на Конференцијата министерот Беџети и со неговиот српски колега Снежана Маловиќ ќе потпишат три договори: за правна помош во граѓански и кривични предмети, за екстрадиција и Договор за заемно извршување судски одлуки во кривичната материја.

- Досегашната соработка со Република Србија се одвива согласно Договорот меѓу Република Македонија и Србија и Црна Гора за правна помош во граѓанските и кривичните предмети, но имајќи ги предвид новите видови правна помош, се укажа потреба од склучување нови договори со кои се опфаќа поголема област на делување и се олеснува и забрзува меѓународната соработка, стои во соопштението.

Значајна новина во Договорот за екстрадиција, се наведува, претставува можноста за екстрадиција на сопствени државјани за кривични дела од организираниот криминал, корупцијата и перењето пари. На овој начин се отстранува можноста да се избегне судење или издржување затворска казна за најтешките кривични дела со користење и криење зад државјанството. Овој чекор на двете земји е во духот на јакнење на регионалната соработка и натамошен развој на добрососедските односи, се вели во соопштението од Министерството за правда.