Груевски: Првпат истовремено се градат три автопати
Само во минатата година се инвестирани 100 милиони евра за градба и реконструкција на многу регионални и локални патишта, што има големо влијание за растот на економијата во земјата. Годинава веќе се градат три автопати истовремено, истакна премиерот Никола Груевски.
- Оваа година се дава поголем импулс на инфраструктурата затоа што веќе се градат три автопати. Новата градба на автопатот Скопје-Штип, како и автопатот во западна Македонија од Охрид до Кичево ќе биде сериозен импулс на градежниот сектор, а покрај градежниот и многу други сектори ќе добијат нова енергија, изјави Груевски во интервју за телевизија Сител.
Изградбата на автопатот Демир Капија-Гевгелија треба да заврши до 2016 година. - Крупни работи се прават, никогаш во Македонија не се граделе три автопати истовремено. Ова е прв пат истовремено да се градат три автопати и паралелно на тоа да се градат или реконструираат регионални локални патишта, вели премиерот.
Покрај изградбата на патиштата се гради и пругата кон Бугарија, проект вреден 550 милиони евра.
- Во железницата се конструира и Коридорот 10, се набавија 150 нови товарни вагони, а ќе се замени и 60 проценти од возниот парк на патничките вагони. За товарните вагони веќе е склучен договорот, а за патничките е пред склучување, истакна Груевски.