Груевски: За три години реализирани 1.009 проекти, 329 во тек
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски денеска го презентираше Отчетот за работата на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за „За подобра Македонија“, кој содржи елаборација на 1.376 проекти, од кои 1.009 се реализирани, 329 се во тек, кои заради факторот време и предвременото распуштање на парламентот не се сеуште реализирани, и 38 проекти, мерки кои се ветени, но не се реализирани.
- Сето ова за само три години. Овој отчет е капиталот кој го оставаме зад нас, кој прави разлика од она што се нашите противници. Овој отчет е капиталот со кој излегуваме во јавноста и врз кој треба да не вреднувате, истакна премиерот Груевски.
Овој мандат, продолжи тој, не го истеравме до крај. - Свесни сте сите за предизвиците со кои се соочуваме, но исто така уверуваме врз основа на досега сработеното, врз основа на делата, мерките, проектите зад нас, и врз основа на нашите позиции за клучните прашања во државата дека ние можеме да се справуваме со предизвиците пред нас, рече премиерот.
Целта за која се бориме и вредностите зад кои цврсто стоиме во себе ги имаат зборовите труд, работа, доверба, одговорност и достоинство, додаде премиерот Груевски, посочувајќи дека одговорноста на политичарите кон народот и државата е најголема.
- Таа одговорност произлегува од очекувањата базирани на нашите визии и програми со кои сме ветиле дека работите ќе се движат и дека ќе вложуваме максимум сите граѓани да почувствуваат ефект од нашите проекти и реформи, да работиме со цел граѓаните да можат да се потпрат на нас и да видат дека сепак има разлика во нашата работа и начин на работа, во нашиот збор. Токму, најважен фактор во одговорноста е зборот, потенцира премиерот. Ние, посочи тој, стоиме зад нашиот збор, зад секое едно ветување.
На изборите во 2006 година кога партијата првпат настапи со ваков начин, според него, покажа нов стандард до политиката. Понуди конкретна програма, со рокови, конкретни чекори и буџет за реализација. Она што исто така го наметна како стандард, како што рече Груевски, беше отчетот за работењето.
Граѓаните, посочи тој, не случајно ни ја даваат довербата. - Затоа што стоиме до зборот, затоа што со нас сте на проверено, и нема импровизации, нема крупни или стратешки грешки, иако не велиме дека не грешиме, но грешките веднаш се трудиме да ги поправиме, и најважно од се ние сме свесни за тежината на нашиот збор и за одговорноста, која ја имаме кон секој еден граѓанин на нашата земја, истакна Груевски. Денес, продолжи, само делата се тие кои ја прават разликата во она кој политички субјект ќе ја добие поддршка од граѓаните, а кој не. - И така треба да остане, делата треба да останат како основна причина поради која политичарот ќе ја добие довербата од граѓаните, рече премиерот.
За разлика од нашите противници, потенцира Груевски, ние не велиме дека народот е во право дури и кога греши, напротив, народот е секогаш во право, и тој не може да се манипулира или прелаже.
Македонија четврта земја со најголем раст во Европа
Постигнавме четврт највисок економски раст во Европа во минатата година и покрај многубројните предизвици и реални последици од светската економска криза и европската должничка кои сеуште се чувствуваат, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски во отчетот за сработеното на партијата во периодот од 2011 до 2013 година.
Растот на економијата, посочи, е движен од високите капитални инвестиции од Буџетот, како и извозот на фирмите-директни странски инвестиции во ТИРЗ и во индустриските зони.
Капиталните инвестиции во периодот 2011-2013, укажа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, продолжија да растат и во минатата година изнесуваа скоро 20 милијарди денари, пораст од 29 проценти во однос на 2010 година.
- Во овој период завршени се или започната е реализација на крупни инфраструктурни проекти во патната инфраструктура, железничката инфраструктура, нови инвестиции во образованието, здравството, енергетиката и во други области. Мерките што ги презедовме ја постигнаа целта и обезбедија работа за градежништвото и на други 20 индустриски гранки, а доказ за тоа е високото ниво на бруто-инвестициите и високиот раст на градежништвото. Така во периодот 2011-2013 капиталните инвестиции продолжија да бележат раст и во 2013 изнесуваа скоро 20 милијарди денари, што е пораст од 29 проценти во однос на 2010 година, рече Груевски.
За годинава, најави, како резултат на предвидените крупни инфраструктурни проекти во буџетот, како и изградбата на новите автопатишта и енергетски проекти, планирано е да се реализираат капитални инвестиции од над 38 милијарди денари.
Образованието приоритет, буџетот за оваа година 22,4 милијарди денари
Образованието е приоритет на Владата на Република Македонија. Буџетот за овој сектор е зголемен за 67 отсто и за 2014-та изнесува 22,4 милијарди денари. Од 2011 до 2014 година се изградени, доградени и реконструирани 65 училишта, а до почетокот на новата учебна 2014/2015 година планирана е изградба и реконструкција на уште 15 училишта, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски во отчетот за работата на Владата на РМ предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“, за 2011-2014.
- Веќе петта година по ред имплементираме концепт на бесплатно образование, односно бесплатни учебници за сите ученици во основното и среднотоо бразование, за што досега се вложени 30 милиони евра. Тој концепт ќе продолжи да се спроведува и понатаму. Обезбедивме и бесплатен превоз за учениците кои посетуваат училишта кои се оддалечени повеќе од 2,5 километри од нивните домови. Значително е зголемен бројот на стипендии кои се доделуваат за студирање на сите три циклуси на високо образование на престижни странски високообразовни установи, а се доделуваат и голем број други стипендии во различни категории, истакна Груевски.
Го спомна и капиталниот проект за превод на „1000 стручни и научни книги“ од кои се учи на најпознатите универзитети во светот со кој,какошто рече, македонските студенти можат да го стекнат знаењето или да ги добијат информациите кои ги имаат нивните колеги од Оксфорд, Харвард, Шефилд, Кембриџ, Јејл... Досега се преведени 874 наслови.
Во делот на научно-истражувачката област го посочи проектот за набавка и опрема на лаборатории, вочии рамки досега се опремени 80 лаборатории.
Продолжи реновирањето на болниците, Македонија ќе има државна кардиохирургија
Со проектот за изградба на нов, современ клинички центар во Скопје и инвестирање во реновирањето и инфраструктурата на болниците е направен значаен исчекор во здравството во Македонија, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски во отчетот за работата на Владата на РМ предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“, за 2011-2014.
Проектот ги опфати хируршките клиники во Скопје, Институтот за рендгенологија, Ургентниот центар, Клиниката за детски болести, Клиниката за хематологија, Клиниката за кардиологија, Клиниката за инфективни болести, Институтот за белодробни заболувања, Клиниката за психијатрија, Републичкиот завод за трансфузиологија, Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, Институтот за белодробни заболувања – Козле и Специјалната болница за гинекологија и акушерство – Чаир.
Довршени се започнатите инфраструктурни активности во болниците во Тетово, Струмица, Велес, Прилеп, Охрид, Куманово, Гевгелија, Гостивар, Кичево, Кочани, Специјалната болница Јасеново во Велес, Заводот за нефрологија во Струга, Психијатриската болница во Скопје „Бардовци” и Психијатриската болница Негорци. Реновирање на Клиничката болница Битола, Општите болници во Кичево, Струга и Гевгелија, Психијатриската болница Демир Хисар, Здравствениот дом Охрид и целосна реконструкција на Градската болница „8-ми Септември“ во Скопје.
- За зголемување на квалитетот, ефикасноста и достапноста на Службата за итна медицинска помош, набавивме вкупно 70 нови санитетски возила за итна медицинска помош. Првпат по 50 години во Република Македонија, Владата на РМ ја основа првата државна кардиохирургија, со што се решава еден повеќедецениски проблем, а првата операција треба да се случи во наредниве две до четири недели. Се започна со изградба на ПЕТ-Центарот и новиот Клинички центар во Скопје и активно продолжуваме со размена на кадри и добука на доктори, рече Груевски.
Го спомна проектот за набавка и ставање во употреба на најсовремена медицинска опрема, нови апарати за трите клинички болници во Тетово, Битола и Штип, инвестирање во реконструкција и санација на централните објекти на 34 здравствени домови од кои најголем број се постари од 50 години.
Зголемени пензиите, платите и надоместот за социјална помош
Од 2006 година до денес најниските пензии се зголемени за 76 отсто, а просечните пензии за 62 отсто, социјалната помош за 47 проценти, постојаната парична помош за 46 проценти, а еднократната парична помош за деца без родители и родителска грижа што по полнолетството ја напуштиле установата или згрижувачкото семејство е зголемена за девет пати и сега изнесува 180 илјади денари, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски во отчетот за работата на Владата на РМ предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“, за 2011-2014.
Посочи дека овој месец за 5 проценти дополнително се зголемени пензиите и социјална парична помош и постојаната парична помош. Се осврна на утврдената минимална плата, договорена првпат во независна Македонија.
- Првпат во историјата на независна Македонија, после 20 години преговори меѓу социјалните партнери, се постигна договор за утврдување минимална плата, а потоа следеше и нејзино зголемување. Законот за минимална плата започна да се применува од јануари 2012 година. Со закон се утврди право на материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата во периодот од 7 април 2000 до 31 декември 2013 година. Со ова решение ќе бидат материјално обезбедени околу 3.000 невработени лица кои останале невработени од државни фирми или, пак, фирми во доминантна државна сопственост и по 2004 година. Овие лица ќе добијат паричен надомест од најмалку 7.100 денари, односно 34 отсто од просечната плата исплатена за минатата година плус здравствено осигурување. Ова беше една голема неправда нанесена на овие наши сограѓани во периодот на транзицијата, која нашата влада најде начин да ја исправи, истакна Груевски.
Соопшти дека со активните програми и мерки за вработување од 2007 година опфатени се вкупно 54.958 невработени лица и се постигнати 30.524 вработувања. Се осврна и на унапредената политика за децата без родители.
- Паричната помош за лице кое до 18 години било дете без родители и родителска грижа од 2006 година до денес бележи зголемување за 54 проценти. Обезбеден е паричен надомест за студирање, магистерски и докторски студии за лица кои имале статус на дете без родители или родителска грижа во износ од 9.000 денари доколку користи право на домување, или 18.000 денари доколку не користи право на домување. Овој надоместок е зголемен во текот на 2013 година и тоа на 12.000 денари доколку користи право на домување, или 24.000 денари доколку не користи право на домување, рече Груевски.
Странските инвестиции овозможија напредок во економијата
Реформите и политиката на Владата за промовирање на Македонија како поволна бизнис дестинација резултираа со конкретни инвестиции кои овозможија напредок во економијата, оцени претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски во отчетот за реализираните проекти на Владата и коалицијата во периодот од 2011-2014 година.
Странските директни инвестиции, посочи, во периодот до 2013 изнесуваат 1.871 милиони евра. Извозот првпат надмина 3 милијарди евра и во 2013 изнесуваше 3.206 милиони евра.
- Околу 25 проценти од извозот се создава во новите капацитети кои се изградија во ТИРЗ и во индустриските зони, рече Груевски.
Тој ги наброја гринфилд-инвестициите во периодот 2011-2013, на „Џонсон контролс“, „Џонсон мети“, „Кемет електроникс“, „Кромберг и Шуберт“, „Дрекселмаер“, „Ван Хол“, „Текнохозе“, „Продис“ , „Гришко“, „Амфенол. - И уште многу други инвестиции кои започнаа со работа или се во фаза на реализација. Истовремено економските тимови на владата се во активни прегови со уште многу други компании за чии одлуки за инвестирање оставаме тие да ја известат јавноста, рече Груевски.
Според него, во изминатиот период е обезбедена е и поддршка на македонските компании. Со обезбедување нови 250 милиони евра со субвенционирана камата од 5,5 проценти, е помогнато на 1.009 македонски претпријатија.
- Ја подобривме ликвидноста на приватниот сектор со целосна исплата на заостанатите обврски. Како што ветивме, кон крајот на 2012 и почетокот на 2013 исплатени се сите обврски на буџетот кон приватниот сектор во износ од 92 милиони евра и целосно е нормализирана состојбата предизвикана од кризата, рече Груевски.
Тој укажа дека Македонија остана земја со најниски даноци во Европа. За разлика од останатите земји кои ги зголемија даноците или воведоа нови кризни давачки во текот на должничката криза во Европа, во Македонија даноците останаа непроменети, посочи Груевски.
Според него, Македонија има најдобра бизнис-клима во Југоисточна Европа рангирана пред 19 земји-членки на ЕУ. Според извештајот на Светската банка Дуинг бизнис 2014, Македонија по четврти пат се најде меѓу топ 10 земји најголеми реформатори во светот. Со тоа, Македонија е рангирана на високото 25. место во конкуренција на 189 земји во светот, што е подобрување од 69 места во однос на 2006 кога бевме на 94 позиција, наведе премиерот.
Потсети и на рангирањето на Македонија на 43. место од вкупно 183 земји според Индексот на економски слободи на фондацијата Херитиџ за 2014 година, каде во споредба со 2006 година остварен е напредок од 35 места.
Со државен долг од 34,6 проценти од БДП, наведе Груевски, Македонија е четврта најмалку задолжена земја во Европа. - Иако многу пати слушам критики дека сме се задолжувале, дека еве само што не сме пропаднале, и што уште не, но бројките и фактите потврдени од реномирани финансиси институции покажуваат сосема друго. Со одржување умерен буџетски дефицит и внимателно земање на кредити за приоритетните инфраструктурни проекти, успеавме Македонија да остане земја со умерено и со одржливо ниво на долг, што е значајно за перцепцијата на инвеститорите, но и за идните генерации, рече премиерот Груевски.
Опозицијата не собра сила и доблест да поздрави ниту еден проект досега
Секој еден граѓанин може да се пронајде во најмалку еден проект, а во најголем број случаи во многу повеќе проекти од еден. Жалам што опозицијата во Македонија, ниту еднаш не собра сила и не покажа доблест да поздрави и пофали ниту еден единствен проект кој го направивме. И не само што немаат сила да кажат добар збор за ниту еден наш проект, тие безочно критикуваат се што ќе направиме без разлика колку е квалитетно и на колку луѓе директно ќе помогне, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски, елаборирајќи го тригодишниот отчет за работата на Владата.
- Овој отчет содржи елаборација за како што кажав 1. 376 проекти. Денес споменав само мал дел, и сите тие проекти по сите параметри и по сите реакции носат одредена корист за народот или за определена општетстевна група од народот, за луѓето, за граѓаните во оваа држава, или за одредена општествена група. За да подобрат некои услови, за да дадат нови можности, некое покачување на примањата, некое намалување на трошоците, едноставно даваат корисност, рече Груевски.
Таа корисност, додаде тој, се однесува на целиот народ без разлики по нација и вера, по пол или богатство...
- Жалам што за сите овие проекти опозицијата во Македонија, ниту еднаш не собра сила и не покажа доблест да поздрави и пофали барем еден единствен проект кој го направивме овие години. И не само што немаат сила да кажат добар збор за ниту еден наш проект, тие, се што ќе направиме без разлика колку е квалитетно и на колку луѓе директно ќе помогне, безочно критикуваат, со гнев напаѓаат, потценувајќи ги граѓаните и нивната свест и тврдејќи дека не постојат дела, не постои новиот стадион во Скопје, новите булевари, нема нови фабрики и нови вработувања, истакна Груевски.
Но, продолжи тој, тоа кажува за нив, за нивните вредности. - И јас само ќе им посакам да продолжат да живеат во тој филм и да се лажат самите себе си дека проблемот не е до нив што народот не ги бира и не им ја дава довербата во мнозинство, туку дека народот е во заблуда и е изманипулиран. Нека си се лажат самите себе, а ние ќе продолжиме да создаваме дела и да работиме со сета сила за нашиот народ, благодарни и одговорни кон довербата која ни се дава. Ќе нудиме програми, реални и остварливи и како денес, ќе даваме отчет за тоа што сме го реализирале, а претходно сме го ветиле. Затоа што тоа не прави различни нас и нашите опоненти. Со овој отчет, но и со програмата која ќе следи, ние ја бараме повторно поддршката од Вас, почитувани сограѓани, истакна премиерот Груевски.
Историско намалување на невработеноста
Ветено и остварено е историско намалување на невработеноста, решен е горливиот проблем со стечајците од држаните фирми, а земјоделците ги добија ветените субвенции, укажа премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во отчетот за сработеното на Владата во периодот на власт 2011 - 2014 година.
Македонија, според него, е единствена земја во Европа која забележа намалување на стапката на невработеност во услови на светска и европска должничка криза. Во 2013, стапката на невработеност во Македонија се намали на 28,7 проценти што е историски најниско ниво во последниве 17 години, откако се спроведува Анкетата на работна сила, рече Груевски.
Со тоа, додаде, стапката на невработеност се намали од претходните високи нивоа од 38 проценти колку достигна во периодите на владите на СДСМ, на 31,8 проценти во 2011 година и на 30,6 проценти во 2012 година, за да се сруши психолошката бариера од 30 проценти во 2013 и да се намали на 28,7 проценти во третиот квартал лани. Минатата година, нагласи, првпат стапката на вработеност надмина 40 проценти, најдобро остварување откако се спроведува Анкетата на работна сила. Креирани 116.155 нови работни места, во периодот до 2013 година, од кои 39.639 нови работни места во перидот од вториот квартал 2011 до третиот квартал минатата година.
Според Груевски, Владата останала доследна и на ветеното во земјоделството. Во досегашниот период, како што рече, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ на македонските земјоделци им исплати 590,7 милиони евра. Во буџетот за 2014 година, за земјоделците се предвидени 140 милиони евра за субвенции. - И покрај светската криза кога голем број земји ги одложија или ги намалија субвенциите, Владата во континуитет ги зголемуваше субвенциите за земјоделците, рече Груевски.
Се осврна и на прашањето на стечајните работници, оценувајќи дека Владата нашла начин да ја исправи неправдата над таа категорија граѓани во транзицијата. - Со закон се утврди право на материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата во периодот од 7 април 2000 до 31 декември 2013 година. Со ова решение ќе бидат материјално обезбедени околу 3.000 невработени лица кои останале невработени од државни фирми или, пак, фирми во доминантна државна сопственост и по 2004 година. Овие лица ќе добијат паричен надоместок во висина од најмалку 7.100 денари, односно 34 проценти од просечната плата исплатена за минатата година плус здравствено осигурување, рече Груевски.
Највисока стапка на раст на градежништвото
Градежништвото оствари историски највисока стапка на раст од 33 проценти во 2013 година, што не може да се спореди со растот во ниту еден претходен период, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски во отчетот за сработеното на Владата во периодот 2011-2014 година.
Премиерот нагласи дека градежништвото се покажало како мотор на економијата и покрај тоа што за него имало најмногу обвинувања и критики. - Просечниот раст на градежништвото во периодот 2011-2013 година изнесуваше 16,2%, пред сè како резултат на зголемените јавни инвестиции финансирани од буџетот. Тоа овозможи реализација на стотици капитални проекти, но и создаде работа за домашните фирми од градежништвото, индустријата и услужните дејности.Покрај градежништвото, пораст има и во индустријата, земјоделството, трговијата и во други сектори, рече Груевски.
Тој укажа дека ова е периодот кога како никогаш порано, во исто време се работи на изградба на три автопатски делници. Се градат, наброја, автопатските делници Демир Капија – Гевгелија во должина од 28,2 километри со вкупна вредност од 210 милиони евра, Миладиновци (Скопје) – Штип, со должина од 47 километри и вредност од над 370 милиони евра, како и автопатот Кичево-Охрид, чија вредност е 206 милиони евра.
Во отчетот за железничката инфраструктура, меѓу останатото, премиерот нагласи дека почна изградбата на пругата кон Бугарија, со првата фаза на делницата Куманово-Бељаковце во должина од 29 километри.
Во делот на енергетиката, наведе дека е извршена модернизација и ревитализација на агрегатите на РЕК Битола, проект вреден 56 милиони евра. - Целосно е завршена изградбата на ХЕЦ Света Петка и овој капацитет од 1 август 2012 година е ставен во функција. Рудникот Брод-Гнеотино е технички целосно комплетиран откако во јули 2012 година е пуштен во функција главниот транспортен систем за јаглен од тој рудник до површинскиот коп Суводол во должина од околу 10 километри, проект вреден 18,6 милиони евра, рече Груевски.
Ги претстави и активностите за реализирање на проектот „гасификација“. Потпишан е договор за приклучување на Македонија во проектот „Јужен тек“. На 21 јануари 2014 година донесен е Законот за реализација на инфраструктурен проект за изградба на магистрален гасовод, Делница „Клечовце - Блок станица 5“ (Штипско), во согласност со Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Руската Федерација за регулирање на обврските на поранешниот СССР.
- Во тек е постапка за склучување на договор, според кој се очекува да почне изградбата во втората половина на 2014 година. Во периодот од 2014-2020 година се предвидува изградба на останатите делници од приоритетниот магистрален правец како прва фаза, а преостанатиот дел од целокупната мрежа на гасоводот од околу 450 км се предвидува во втора фаза во периодот од 2017-2022, рече Груевски.