Попоски пред Европскиот парламент: Сакаме да започнеме преговори за членство

Пред вас сум бидејќи Република Македонија сака да стане членка на Европската унија. Ние сме дел од Европа и правиме се што можеме да се приближиме кон Европа. Ние сме кандидати за членство од пред шест години и сакаме да зпочнеме преговори.  

Ова го истакна шефот на македонската дипломатија Никола Попоски на почетокот од обраќањето пред Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент.

- Заедничкиот заклучок е дека сега е вистинската можност за надминување на долгогодишниот спор за името со нашиот јужен сосед, изјави министерот Попоски по обраќањето и додаде дека можноста треба да биде искористена.

Тој истакна дека треба да се надмине досегашниот пристап на блокирање и да се започне со решавање на спорот што ќе биде во заеднички интерес.

- Фактот што Македонија по трет пат ја доби препораката за отпочнување на пристапни преговори со Унијата, како и конструктивните заложби кои се упатени до грчката Влада, а кои Македонија активно ги промовираше, придонесоа подготвеноста на нашата држава да биде препозната од преставниците на Европската унија. Доколку Грција конструктивно пристапи на решението на спорот, може многу реално да се очекува Советот на Европа да предложи отпочнување на преговори за следната година, рече Попоски.

На министерот Попоски на парламентарната сесија од страна на членовите на Европскиот парламент му беа упатени прашања во врска со очекувањата од Хашката пресуда на што тој одговори дека Македонија ќе ја почитува одлуката каква и да е.

- Во понеделник очекуваме разврска на правниот спор започнат 2008 година, од каде ќе произлезе одлука која е исклучиво во рацете на Хашкиот суд. Ние како одговорна членка на Обединетите нации, немаме апсолутно никакво влијание во тоа, а ќе бидеме посветени на почитување на меѓународното право, рече Попоски.