Министерката за култура оствари средба со светски познатиот кинематографер Виторио Стораро
Трикратниот оскаровец Виторио Стораро ќе биде директор на фотографија на филмот „Мајсторот“ по сценарио на Љупчо Тодоровски-Упа и режија на Иво Трајков. Почетокот на снимањето се очекува во септември, по потвдувањето на сите копродукциски партнери, заокружување на буџетот и комплетирањето на меѓународната екипа, во која ќе бидат и водечки македонски актери.
Потписникот на педесетина филмски наслови, и награден со оскар за „Апокалипса сега" на Копола, „Црвени" на Ворен Бити и за „Последниот император" на Бертолучи, со кого имал долга соработка, деновиве е во Македонија заради подготовки на новиот филмски проект. Седумдесет и четиригодишниот Стораро не е првпат во Македонија. Во 2005 ја доби „Златната камера 300“ за животно дело на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола.
По средбата во Министерството за култура, светски познатиот кинематографер од Рим рече дека „Мајсторот“ нема да раскажува само македонска приказна, туку во себе носи универзални вредности.
- Се работи за основен концепт на рамноправност меѓу луѓето и религиите. Јас, секако, ќе се обидам да го обработам мојот дел - преку слика да и ја пренесам на публиката таквата визија и таквиот концепт. Освен што филмот ќе ги истакнува националните вредности на Македонија, значајно е што универзалниот концепт во Македонија стапил во сила пред 200 години. Значаен чекор е и соработката и соединувањето на две култури, на Македонија и Италија. Верувам дека на цивилизациско ниво не можеме сами да пораснеме, растеме заедно, а филмот е сон кој заедно се сонува, истакна Стораро.
Режисерот Трајков рече дека со учеството на мајстор како Стораро во овој проект, направен е огромен чекор поблиску до исклучителен и квалитетен резултат. - Да живеевме во друго време, тогаш соработката со Виторио ќе беше како соработка со Караваџо, рече Трајков.
Соработката била договорена кога сценаристот и продуцент Упа го поканил Стораро пишувајќи му краток мејл.- Бев доволно храбар и луд дека големите уметници се, пред се, луѓе, кои може да препознаат една универзална идеја, рече Упа. Зборувајќи за филмот, посочи дека тој се занимава со македонскиот национален идентитет со порака дека светот се освојува прво од својот двор и дека мотото е „наведната глава сабја ја сече“ - спротивно на она што го кажува поговорката.
- Се исправа историска неправда, се отфрла начинот на мислење за Македонците како за инфериорни... Ова е приказна за личната драма на голем уметник во битни историски настани и спротивставени околности, за најголемиот црквоградител на Балканот, за мајсторот, кој решава првпат во историјата на својот народ да го поткрене подот на христијанската црква на ниво на земјата и симболично да покаже дека сме еднакви со сите други, а посебно со муслиманската религија. Тоа е филм за еден татко кој учејќи го својот син што е вредно за живеење и следејќи го своето кредо, доаѓа во невозможна ситуација - да го претвори во живот она што го проповеда, рече Тодоровски-Упа. Соопшти и дека покрај познати македонски актери, во меѓународната актерска екипа ќе бидат и водечки турски актери и многу познат бугарски актер.
За прифаќањето на поканата за учество во филмот, на Стораро му се заблагодари министерката за култура Елизабета Канчекса-Милевска која заедно со сценаристот и режисерот го прими во својот кабинет.
- Виторио Стораро е едно од најзначајните имиња во историјата на филмот и светската кинематографија, кој работел со познати светски режисери. На наше огромно задоволство тој е деновиве во Македонија и сакам лично да му се заблагодарам за неговите позитивни зборови кои ги кажа за сценариото на филмот „Мајсторот“. Се надевам на голем успех на филмот, рече Канческа-Милевска. На средбата таа го запознала Стораро со плодната продукција во македонската кинематографија, со измените на Законот за филмска дејност и олеснувањата за странските продуценти што ќе снимаат во Македонија.
Таа подвлече дека Македонија и Италија имаат блиски и пријателски врски во културата, потсетувајќи дека лани во нашата земја се одржа италијанскиот фестивал за деца „Џифони“.
Амбасадорот на Италија Ернесто Масимо Белели, исто така, рече дека соработката меѓу двете земји во културата е одлична и официјализирана со потпишаните договори.
- Ова нема да биде само копродукција, туку едно соединување помеѓу италијанското ноухау и македонскиот филмски сектор. Македонија и Италија се блиски земји, тесно соработуваат, и сигурен сум дека интелектуалниот гениј на двете нации ќе даде одлични плодови, рече италијанскиот амбасадор.