Пешевски:Продолжуваме посветено да работиме на реформите

Македонија во последните 10 години постигна многу од аспект на реформите, но остануваат уште многу предизвици особено на политички и економски план, порачаа високите европски претставници на денешната конференција „Подобрување на економскиот потенцијал, идентификување на идните извори на раст“.

- Земјата се уште не го исполнува критериумот на функционална пазарна економија што ќе може да се носи со конкурентниот притисок и пазарните сили во ЕУ. И по 20 години стапката на невработеност е висока, сивата економија учествува со речиси 20 отсто во БДП, недоволно развиен е финансискиот сектор, странските директни инвестиции се на ниско ниво без јасни знаци на нивно постојано зголемување, нема совпаѓање на образованието со барањето на пазарот на труд, рече Александра Кас Грање од Директоратот за проширување на ЕК.

Сепак, додаде, макроекономската политика мудро се води, а фискалната е ориентирана кон стабилност.

Македонската Влада, како што нагласи вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, сите забелешки на Европската комисија ги зема предвид максимално сериозно и добронамерно гледа на нив.

- Неспорно е дека има потреба од натамошни чекори, но уште понеспорно е дека продолжуваме посветено да работиме на реформите. Убедени сме дека Македонија во брзо време целосно ќе ги исполни економските критериуми и дека ќе има забрзан економски раст, рече Пешевски.

Во ова време на криза, Македонија, напомена, за разлика од голем број држави во ЕУ, ја задржа својата макроекономска стабилност и направи многу реформи кои можеби не беа во целост признаени од ЕК, но голем број меѓународни и други финансиски институции ги потврдија резултатите.

- Навистина мислам дека нема простор да се критикува позицијата на Македонија кога во цела Југоисточна Европа имаме највисок економски раст. Исто така, за време на кризата немаше драстично зголемување на невработеноста, во годините пред кризата настана најголемото историско намалување, од 38 на 32 отсто. Она што го гледам од пракса во соработката со странските инвеститори, во голем број населени места од каде реално се пријавени голем број невработени, компаниите не доаѓаат толку лесно до нив. Се чини дека не постои толку силен интерес за наоѓање работа или веројатно тие луѓе работат некаде, но тоа е нешто на кое дополнително треба да работиме за да ни се разјасни, посочи вицепремиерот.

За другите критики што ги изнесе Грање во излагањето, Пешевски рече дека се извадени од Извештајот на Европската комисија со поголем акцент на негативните и политичките аспекти.

- Филозофијата на формирањето на ЕУ е економска обединетост. Би сакал да се задржиме на тие критериуми. Тука Македонија неоспорно има направено големи чекори во изминатуиот период иако има простор за подобрување и ние напорно работиме на тоа, нагласи Пешевски.

Одговорајќи на новинарско прашање во врска со „роад шоуто“ за презентирање на Македонија како атрактивна бизнис дестинација, Пешевски рече дека резултатите од овој проект се гледаат преку бројот на компаниите што ќе дојдат да инвестираат во земјата.

- Не можеме да прецизираме дали пет, 10 или 50 компании ќе дојдат, но настојуваме нивото на СДИ да го зголемиме. Генерално, политиката за подобрување на деловната клима е насочена кон сите вложувачи, не само кон странските. Се уште домашните инвеститори се многу позначителни од странските. Ако го погледнете вкупното, бруто ниво на инвестиции во првата половина од оваа година, тоа изнесува една милијарда евра што е историски највисоко од кој било претходен период, потенцира вицепремиерот и потсети дека во 2006 бруто инвестициите за цела година биле колку сегашните за шест месеци.

Според него, кога се промовира една држава надвор, се настојува тоа да биде максимално ефективно. - Пресметките покажуваат дека вкупното зголемено ниво на инвестиции многу пати ги надминува трошоците за промоција на Македонија во странство што значи дека исклучително умно се потрошени овие пари, рече Пешевски.

Тој го искористи учеството на конференцијата за да упати апел до Европскиот совет на својот следен состанок во Брисел да го отвори патот кон заокружување на македонскиот интеграциски процес и да донесе одлука за премин на земјава во втората фаза од Спогодбата за стабилизација и асоцијација.

- Со донесувањето таква одлука ЕУ уште еднаш формално ќе ја потврди искреноста на својата посветеност и заложба за целосна интеграција на Република Македонија во европското семејство, нагласи вицепремиерот Пешевски.

Отворањето на преговорите за членство ќе претставува заслужена награда за неуморната дведецениска економска и социјална трансформација. Воедно, напомена, ќе овозможи со силна мотивација да продолжи посветената работа за подобрување на социо-економскиот развој.

Потретседателот на Владата за европски прашања Теута Арифи во обраќањето на конференцијата подвлече дека процесот на проширување е клучен за развој на економијата, а оттука и за напредок на земјата. За мала, отворена економија како македонската, развојот на регионот има големо значење. Тоа, од своја страна, ќе овозможи заокружување на европскиот пазар.

- Членството во Унијата ќе овозможи поголем пазар, поголема конкуренција, повеќе странски инвестиции и повеќе врабптувања, рече Арифи, додавајќи дека оваа Влада продолжува да ги креира економските политики преку директна соработка и консултации со бизнис заедницата.

Македонското евроинтегрирање уште еднаш доби поддршка од Полска. - Вашата земја оди по вистинскиот пат, се соочува со предизвиците, но треба да продолжи со реформите, истакна Богуслав Винид, подсекретар во полското МНР.

Директоратот за проширување на ЕК од политичките слабости како посебно критични ги посочи реформите во јавната администрација, судството и слободата на медиумите. Силна демократија со стабилни институции и функционална пазарна економија се основата на Копенхашките критериуми што мора да ги задоволува секоја земја членка на ЕУ.