Меѓународна конференција за унапредување на можностите за вработување на Ромите

Вклучување на Ромите во образовниот систем, зголемување на степенот на нивното образование и вклучување во активните политики за вработување со докфалификации и преквалификации се начините на кои тие можат да станат поконкурентни на пазарот на трудот и да имаат подобар пристап до работни места.

Таквите мерки, смета министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, се решение за надминување на проблемот со вработувањето на Ромите и за подобрување на нивниот живот, заради што, како што вели, во земјава се спроведуваат како дел од повеќе проекти во рамки на „Декадата на Ромите“.

- Владата преку Министерството за образование и наука како дел од активностите поврзани со „Декадата на Ромите“ секоја година доделува стипендии за средношколци Роми, а досега се доделени 650. Министерството за труд и социјална политика спроведува проект за условени парични трансфери кои ги добиваат децата на семејства во социјален ризик кои редовно посетуваат настава во средните училишта. Морам да бидам искрен дека над 90 проценти од тие корисници се Роми. Со тоа ќе се придонесе во нивниот континуиран развој и образование, за да можат потоа да се запишат и на факултет и да бидат поконкурентни на пазарот, изјави министерот Ристовски кој ја отвори меѓународната конференција за вработување „Пристојна работа за Ромите“ организирана во рамките на претседателствувањето со „Декадата на Ромите“ на Република Македонија.

Ние како министерство и Владата воопшто, рече Ристовски, сме фокусирани на фактот дека правилниот и вистински образовен систем и образовната надградба на Ромите може да продонесе до нивна конкурентност на пазарот на трудот и оти тоа е единствената формула за успех.

Тој апелира во наредниот период Ромите да ги прифатат можностите што им ги нуди Владата за да може да си го подобрат животот и да го решат проблемот со вработувањето.

Министерот без ресор Неждет Мустафа информира дека во изминатите три години стотина Роми се вработени во јавната администрација. Во наредниот период планирани се вработувања на уште седумдесетина Роми, со што, како што вели, ќе се исполни процентот на правична застапеност во јавната администрација согласно Рамковниот договор.

Целта на денешната конференција е да се разменат искуствата на земјите членки на Декадата во областа на зголемување на вработеноста на ромската популација и најдобрите практитки во земјите кои не се членки на Декадата, како и да се анализираат резултатите што се постигнати од досегашните мерки и активности.