Одбележан Светскиот ден на борба против СИДА - Македонија доби 10,7 милиони евра за превенција

Македонија по  третпат доби средства од Глобалниот фонд за поддршка на програмите за превенција од ХИВ/СИДА во износ од 10,7 милиони евра за периодот 2012-2016 година, информира денеска министерот за здравство Никола Тодоров на прес-конференција на плоштадот „Македонија“ по повод 1 декември, Светскиот ден за борба против СИДА.

Програмата, посочи, е фокусирана на активности за превенција, насочени кон групите со ризично однесување, а се планирани и новини кои пред се вклучуваат активности за координација и организација на националниот одговор за ХИВ/СИДА.

- Новиот грант предвидува и обезбедување терапија за Хепатитис Ц за корисниците на дроги, како и поголемо вклучување на локалната самоуправа и заедницата во обезбедувањето соодветен одговор за ХИВ/СИДА. Министерството во текот на цела година реализира бројни активности, кои се дел од Програмата за заштита на населението од СИДА, во која за годинава се обезбедени 2,5 милиони денари, а за наредната година се обезбедени дополнителни 3.617.000 денари за набавка на антриретровирусна терапија и тестови, истакна Тодоров.

Обезбедени се и 3.700.000 денари за набавка на тестови за откривање нови случаи преку советувалиштата за доброволно и доверливо советување и тестирање кое е анонимно и го спроведуваат во Институтот за јавно здравје, 10-те центри за јавно здравје, Клиниката за инфективни болести и Клиниката за гинекогија и акушерство, како и два милиона денари за едукативни активности - стручни предавања за население, здравствени работници и ученици, за кампањи.

Тодоров истакна дека Македонија и понатаму останува во земјите со мал број регистрирани случаи на заболени од ХИВ/СИДА.

- Добро е што Македонија и натаму останува во земјите со ниска преваленца (со регистрирани 142 случаи со ХИВ/СИДА), со тренд на намалување на стапката на новозаболени и што животниот век на болните се продолжува, како резултат на примена на антиретровирусната терапија  на која во моментов се 45 пациенти, додаде Тодоров. 

Извршниот директор на Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување (ХЕРА), Бојан Јовановски рече дека во Македонија бројот на ХИВ тестирања е зголемен во споредба со претходните години, но сепак процентот на граѓаните кои направиле ХИВ тест е значително низок.

Според најновите податоци на Иститутот за јавно здравје, во Македонија се регистрирани 142 случаи со ХИВ/СИДА, а во светски рамки бројот достигнува 34 милиони. Во тек е евалуирањето на уште еден случај.

Оваа година во Македонија се регистрирани 10 случаи со ХИВ/СИДА. Од нив седум имаат СИДА (шест машки и едно женско лице), од кои три машки лица има во Скопје и по едно лице во Охрид, Велес и Куманово и едно женско лице во Битола. Од 10-те случаи три се ХИВ-позитивнии и тие се од Гостивар, Куманово и Скопје.

- Во 2010 година само еден отсто од вкупното население направило ХИВ тест, а само 0,15 отсто од нив направиле ХИВ тестирање користејќи на широката мрежа на сервиси за доброволно советување и тестирање за ХИВ. Во земјите од регионот повеќе од 60 отсто од лицата кои живеат со ХИВ не се свесни за сопствениот ХИВ статус и оти доцната дијагноза е една од главните пречки за успешно справување со ХИВ инфекцијата, рече Јовановски.

Навременото тестирање, посочи тој, значи можност за навремен пристап до терапија која ја намалува смртноста и обезбедува нормален живот, работоспособност и општествена продуктивност на лицата со ХИВ, а пристапот до терапија го намалува преносот на инфекцијата по сексуален пат и до 96 отсто.

Јовановски ги повика сите граѓаните да се тестираат за ХИВ бидејќи како што рече, со навремено тестирање денес со ХИВ се живее здраво, долго и квалитетно.

Американскиот амбасадор Пол Волерс рече дека да се има генерација без СИДА мора да се користат новите научни интервенции, а се утврдени и три клучни и главни научни интервенции - да се запре преносот од мајка на дете, да се зголеми доброболното обрежување на мажите и да се зголеми нивото на користење, лекување како превенција.

- Ја охрабруваме Владата на Република Македонија да ги зајакне своите капацитетит, да има национални решенија и да го зголеми нивото на финансирање на програмите за борба против СИДА. Освен Владата напорите на цивилното општество вклучувајќи ги религиските групи и оние кои боледуваат од СИДА се исто така од суштинско значење, рече Волерс.

Апелира граѓаните да се вклучат со присуство на вечерашниот гала концерт во Македонската опера и балет бидејќи средствата што ќе се соберат од овој настан ќе бидат наменети за лицата кои живеат со ХИВ.

Шефот на канцеларијата на Светската здравствена организација Марија Кишман истакна дека во Европа ситуацијата е алармантна, а бројот на пријавени случаи од 2001 година до 2010 е за два ипол пати зголемен.

- Бројот на пријавени случаи за лани е 712.477 меѓутоа ако се земат во предвид и непријавените податоци од страна на Руската федерација , Шпанија и Франција станува збор за 1,4 милиони лица. Станува збор за огромна бројка за многу мала територија како што е Европа“, истакна Кишман.

Кога станува збор за трендот на начинот на пренесување, како што истакна, маргинализираните групи се тие кои се први пред се мигрантите, социјално стигматизираните лица (мажи кои имаат секс со мажи) и лица кои на илегален начин користат опојни дроги.

Таа потенцира дека во Европа каде спаѓа и Македонија, начинот на пренесување на ХИВ/СИДА е меѓу мажите кои имаат секс со мажи и хетеросексуалниот контакт. 

Логото на годинашната акција е „Визијата за свет со нула ХИВ-инфекции, нула дискриминација и свет со нула смртни случаи асоцирани со СИДА“.