Македонија претставена на бизнис форум во Јапонија

С О О П Ш Т Е Н И Е

Делегацијата на Владата на Република Македонија предводена од премиерот Никола Груевски денеска (среда, 30 ноември 2011 година) во Токио присуствуваше на бизнис форум организиран од Јапонската надворешна трговска организација (JETRO) на кој пред претставници од повеќе од 60 јапонски компании беа претставени инвестициските можности што ги нуди Република Македонија.

Во својот поздравен говор, претседателот на ЈЕТРО Хидехиро Јоко го изрази задоволството што ја имаат можноста да го организираат овој настан на кој ќе се презентираат економските и политичките перспективи на Македонија, која како што кажа, е земја низ која поминуваат два трансевропски коридори, што ја покажува нејзината значајна и стратешка локација, земја која е кандидат за ЕУ и земја позната по производството на добро вино. Хидехиро Јоко истакна дека Македонија во изминатите неколку години ги има унапредено деловните процедури и денес се наоѓа на 22-то место на листата на Doing Business, на Светска Банка, додека Јапонија се наоѓа на 20-то место на таа листа. Тој нагласи дека се среќни што имаат уникатна можност да се дознае нешто повеќе за Македонија и дека ЈЕТРО ќе направи се за понатамошно унапредување на односите меѓу двете земји.

Свое обраќање пред присутните имаше премиерот Груевски. Тој истакна дека Македонците секогаш имале најдлабока почит и восхитување за особено силната колективна работна етика и иновативната генијалност на Јапонија. Иако земјата не поседува многу природни ресурси, вредната и интелигентна јапонска нација успеа да ја создаде третата најголема економија во светот, истакна Груевски.

Во своето излагање, премиерот Груевски кажа дека целта на денешниот настан е да зборува за она што може да се постигне во годините коишто следат. Македонија успеа значително да го подобри бизнис опкружувањето, како и да го забрза економскиот раст, посочи Груевски, при што истакна дека стратегијата за пораст на Македонија лежи на три столба: поголема изложеност на глобализацијата, институционалното градење поттикнато од потенцијалното членство во ЕУ и НАТО, како и значителни инвестиции во човечкиот капитал и физичката инфраструктура.

Тој истакна дека Република Македонија има воведено постепено придвижување кон либерализација на капиталните сметки и дека отпочна агресивна меѓународна кампања за привлекување на странски инвеститори, при што посочи дека денес нашата земја е потписничка на три мултилатерални спогодби за слободна трговија кои овозможуваат пристап до база на корисници која брои шестотини и педесет милиони потрошувачи, додека трговската размена со Европската Унија од оваа година е целосно либерализирана.

Во својот говор, премиерот Груевски посочи дека Владата има воведено посебни поттикнувања за инвестиции во технолошко-индустриските развојни зони и дека поради високата побарувачка од странските инвеститори во фаза на отворање се уште три нови зони. Најдобар доказ и верификација на нашите политики во технолошко-индустриските развојни зони се инвестициите на терен, а таму во последните четири месеци започна мини инвестициски циклус, при што Џонсон Контролс отвора уште една втора фабрика во Македонија, а влегоа и инвестициите на Текнохозе од Италија, Кемет Електроникс од САД, Протек Груп од Русија и Мадерсон Груп од Индија, истакна премиерот Груевски.

Во своето обраќање, премиерот Груевски се осврна и на тоа дека во Република Македонија се одржува цврста макроекономска средина и дека индикаторите за финансиската стабилност и стрес тестовите покажуваат дека нашиот банкарски систем е доволно капитализиран да издржи широк спектар на потреси. Убедени сме дека институционалната надградба, потпомогната од потенцијалното членство во ЕУ и НАТО, претставува натамошна битна состојка за успешна стратегија на економски пораст, подвлече премиерот Груевски.

На бизнис форумот своја презентација имаше и заменик претседателот на Владата и министер за финансии Зоран Ставрески кој зборуваше за постигнувањата на макроекономски план, како и за реформите во даночниот систем, катастарот и процесот на регулаторната гилотиња.