Притворени 87 вработени на патарините

Полицијата во рамки на продолжението на акцијата „Змиско око“ откри организирана криминална група од 92 лица, од кои 88 инкасанти, а останатите раководители или нивни заменици, во одделението за наплата во ЈП „Македонија пат“, кои противправно присвојувале пари со фалсификувани фискални сметки од наплатата на патарините на Коридорот 10, Табановце - Гевгелија.

Досега се приведени вкупно 87 лица од осомничените и се предадени на истражен судија, а во тек се мерки за лишување од слобода на останатите пријавени.

На денешната прес - конференција министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска информира дека е поднесена кривична пријава против вкупно 92 лица од Скопје, Велес, Куманово, Штип, Тетово, Гевгелија и Неготино, осомничени за  злоупотреба на службена должност и овластување, примање поткуп, противзаконско посредување и фалсификување исправа.

Организираната група се стекнала со 120 милиони и 16 илјади денари на штета на Агенцијата за државни патишта. Тројца од групата, од кои еден поранешен вработен во „Македонија пат“, биле задолжени за изработка на фалсификувани фискални сметки, за што користеле оригинална хартија односно бланко котури од фискалните сметки кои неовластено ги земале од наплатните станици. За добивање фалсификувани фискални сметки за една смена од 12 часа, инкасантите плаќале 1.000 денари.

- Услов  за припадност во групата била месечниот надомест односно давање поткуп на организаторите во износ од 100 до 500 евра, информира министерката Јанкулоска.

Како организатори, според првичните сознанија, се раководителот и неговиот заменик во одделението за наплата, кои ја злоупотребиле службената положба така што договорно изготвувале месечни распореди и на најфреквентните патарини распоредувале инкасанти, членови на групата.

При претреси извршени утрово кај девет лица и на службени простории во шест наплатни станици е пронајдена програма за печатење фалсификувани сметки во лап-топ, принтери, 170 бланко котури со натписи на повеќе наплатни станици, околу 20 делумно искористени бланко котури, околу 2.000 испечатени фалсификувани фискални сметки за наплата на патарина, 10.900 евра и помали суми американски долари, српски динари, хрватски куни и бугарски левови.

По барање на новинарите да го коментира рангирањето на 69. место на Република Македонија според индексот на перцепција на корупцијата во денеска објавениот Извештај на Транспаренси интернешенл (ТИ) за 2011 година, Јанкулоска потенцира дека земјава бележи благ пад во однос на местото на кое е позиционирана годинава, но оценката од 3,9 е за нијанса пониска единствено во однос на изминатата 2010 односно е повисока, прецизира, во однос на сите претходни години.

Ова е причина повеќе, подвлече таа, да ги согледаме сите укажувања и наодите во конкретниот извештај, да ги идентификуваме областите каде што можеби перцепцијата на граѓаните не е најпозитивна за во годината што претстои да ги корегираме овие слабости.

- Лично сметам дека и оваа акција и секоја друга ќе испрати јасна порака дека корупцијата не може и не смее да се толерира без разлика од каде доаѓа и кого го засега, а тоа оди во прилог на подобрување на перцепцијата кај граѓаните, но дефинитивно за подобрување на вкупната реалност, истакна министерката за внатрешни работи Гордана  Јанкулоска.