Поддршка на извозот и поголема конкурентност за зголемен економски раст, порачува Светска банка

Конкурентноста на економијата  е исклучително значајна и од неа зависи економскиот раст на мала земја како Македонија. Анализата на македонскиот извоз покажува дека го вршат пет проценти од вкупниот број компании, се извезуваат многу мал број производи и на исти пазари. Она што порачуваат од Светската банка е поголема поддршка на извозот, странски директни инвестиции, иновации и продалбочување на спроведувањето на подобрувањето на деловната клима.

Ова го посочија учесниците на денешната презентација на првата студија што Светската банка ја изготви на барање на македонската Влада, а која треба да помогне во идентификување нови мерки за зајакнување на економскиот раст и извозот на земјата.

- Проценката го препознава фактот дека економските политики на Македонија се меѓу најдобрите во ЈИЕ, особено кога се работи за усвојување стабилни макроекономски политики и екстензивни стурктурни реформи кои доведоа до значително подобрување во деловната клима. Предизвикот со кој денес се соочува земјата е транзицијата на стопанстсвото по траекторија на нагорен раст, чие достигнвуање ќе значи и развој на многу поконкурентен извозен сектор, посочуваат експертите од Светската банка кои работеа на студијата.

Анализата покажа дека извозот нагло порасна во последните 10 години, но оти повеќе од 75 отсто од извозниот раст доаѓа од постоечките извозници кои ги продаваат истите производи на истите пазари. Ранливостите кои се покажуваат се тоа што најголемиот дел од извозниците се микро фирми со помалку од 10 вработени кои тешко  опстануваат на пазарите надвор, извозната „кошница“ се уште е концентрирана од одредени добра, метали и минерали, каде цените се подложни на глобалните економски движења, а средните и големи извозници во големите производни сектори не успеваат да ги употребат иновациите и квалитетот како извор на конкуретност.

Експеритет на СБ потенцираат дека позитивен знак е стратегијата за привлекување на странски инвестиции која почнува да носи резултати. - Новите инвестиции во производство лоцирани во зоните за технолошки и индустриски развој ќе имаат трансформациско влијание на извознат кошничка, така што хемиските производи сега се извозен сектор кој е трет по големина по металите и текстилот и зафаќаат 10 проценти од вкупниот извоз во 2010 година, се наведува во студијата.

Според неа, она што треба да биде основа, се поддршка на извозот и странските директни инвестиции.

- Македонија има ниско ниво конкуренција, мал број производи се извезуваат и тие не се софистицирани, истакна Хозе Гуилхерме Реис, економист од Светската банка.

Според Џон Габриел Годар, лидер на проектот за Македонија од Светска банка, треба да се направи поголема поддршка на извозот, која во моментов не е доволна и да се развиваат Технолошко-индустриските развојни зони, бидејќи тие се добар елемент за привлекување на странските директни инвестиции.

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски истакна дека дел од политиките на Владата се насочени паралелно и на зголемување на извозот и за подобрување на конкуретноста.

- Ако се погледне почетната позиција на македонската економија во овој дел не е сјајна. Имаме релативно мал број компании кои извезуваат, степенот на додадена вредност на производите, како и нивниот квалитет е умерен, рече Пешевски, кој додаде дека тргнувајќи од она што недостасува се  креирани и политиките на Владата кои дадоа одредени резултати. Минатата година, истакна, извозот имаше раст од 25 отсто во однос на 2009 година, а годинава извозот повторно ќе има раст со оглед на тоа што нивото на извозот во првите три квартали е на ниво од извозот за целата година лани.

Во однос на влијанието од случувањата во Европа, тој потенцира дека Македонија не може да остане имуна на тоа, но оти може да се влијае да се ублажат тие ефекти како што беше случај и во 2009 година со светската економска криза. Тој појасни дека она што може да го прави државата за да им помогне на компаниите е да обезбеди реалтивно добра бизнис клима, да обезбеди зголемена потрошувачка на домашниот пазар, како и да се продолжи со потпишување на договори за слободна трговија и со други мерки. 

Тој посочи дека Владата за наредната година во моментов останува на проектираната стапка на раст, но додава дека ребалансот е инструмент со кој ќе се примени доколку има потреба. - Доколку се остварат негативните предвидувања за она што ќе се случува во Европа некаква ревизија во наредниот период ќе биде потребна, истакна Пешевски.

За гувернерот на НБРМ Димитар Богов постои консензус меѓу креаторите на економската политика дека подобрување на конкурентноста на економијата која пак ќе доведе до поголем раст не доаѓа со девалвација, туку со структурни реформи. 

- Стабилен курс на денарот и структурни реформи, е она што ќе доведе до зголемување на конкурентоста на македонската економија, истакна Богов и додаде дека тоа е патот по кој сака да се движи Македонија.

Како потврда за ваквата политика е и позитивното искуство на Австрија и Холандија кои имале фиксен курс и спроведувале структурни реформи, наспроти политиките на флуктуирачки курс која ја спроведуваа во 80-тите Грција, Португалија, Шпанија и Италија, а кои сега се во криза.