Регионалната конференција „Членството во ЕУ-уставни предизвици на земјите кандидати во ЈИЕ“

Кои се уставни реформи земјата мора да ги направи пред да стане членка на ЕУ за трансфер на судството кон она на Унијата, е тема на регионалната конференција „Членството во ЕУ-уставни предизвици на земјите кандидати во ЈИЕ“.

Вицепремиерката за евроинтеграции Теута Арифи осврнувајќи се на активностите кои Владата ги презеде во изминатите три месеци поврзани со евроинтеграциите посочи на Акцискиот план со кој се адресираат забелешките во овогодинашниот Извештај на ЕК за напредокот на земјата, а се однесуваат на четирите клучни прашања - реформи во судството, во државната администрација, антикорупциски мерки и слобода на говорот. Таа ги поврза уставните предизвици со реформите во судството, односно градењето на независен судски систем со фокус на зацврстување на капацитетите на Академијата за судиите, на Административниот суд и на Јавниот обвинтел и ги повтори очекувањата за добивање датум за преговори.

- Мислам дека овој декември е особено важен за сите земји во регионот на Западниот Балкан. Ова е декември кога ЕУ ќе испрати пораки кон Западниот Балкан дали е заинтересирана да го продолжи проширувањето со земји од регионот. Би сакала да искажам надеж дека во овие пораки ќе има простор и за Македонија, дека ќе има конкретна порака за отпочнување преговори, рече Арифи.

Вршителот на должност амбасадор на ЕУ во Македонија Роберт Лидл во своето излагање истакна дека Уставот е жива материја, која треба да се прилагодува во контекст и на евроинтеграциите, како што е тоа случај и со европските договори, регулативи и закони.  

- Процесот на пристапување е вистински, материјален и опиплив и тој ќе опфати многу земји... Евроинтеграциите можат да бидат постигнати само со заедничка рамка на ЕУ и само на овој начин може да се постигне вистинско и успешно функционирање на Унијата, вели Лидл. 

Регионалната конференција „Членството во ЕУ-уставни предизвици на земјите кандидати во ЈИЕ“, е во организација на ЗЕНИТ асоцијацијата во соработка со фондацијата „Конрад Аденауер“ и Швајцарската агенција за развој и соработка.